Амети: „Југохром“ да го забрза поставувањето на филтрите

Министерот за животна средина Башким Амети денеска го повика раководството на комбинатот „Југохром“ од Јегуновце да го забрза процесот за поставување филтри со што ќе се исполнат условите овој производствен капацитет повторно да почне да работи.

– Раководството на комбинатот мора најинтензивно и најбрзо да работи на поставување на филтрите за да може комбинатот да работи и вработените да се вратат на нивните работни места. Го охрабрувам раководството на комбинатот да изнајдат решение за барањето на вработените се до поставување на филтрите, рече Амети на прес-конференција.

На 2 ноември „Југохром“ постапи по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина, кој донесе решение комбинатот да ги исклучи сите печки поради непочитување на крајниот рок за поставување филтри на оџаците, кој истече на крајот на минатиот месец.

Министерот Амети рече дека потполно ги разбира барањата и маките на работниците од „Југохром“ кои денеска протестираа во Скопје, со барање за рестартирање на комбинатот, и посочи дека уште на почетокот потенцирале дека не било лесно да се донесе одлуката за затворање на комбинатот.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Амети рече дека одлуката за затворање на комбинатот, била конкретна мерка  за да се намали нивото на загадување на воздухот во Тетово.

– Оваа ситуација е резултат на неажурноста на раководството на „Југохром“ и за жал сега трпат вработените, рече Амети, потенцирајќи дека за да може комбинатот повторно да проработи треба да се постават филтрите.

За загадувањето во Скопје и во останатите градови, според Амети, ресорното Министерство издало препораки до општините и директни апели до граѓаните. Прашан зошто не се пристапува кон т.н непопуларни мерки, министерот Амети одговори дека тоа  би требало да биде мултиресорско и оти Министерството за животна средина не може да има таков однос кон граѓаните. Владата, потенцира, прави напори за да се подобри состојбата.

– Анализите може да се видат, многу градови се загадени. Во овој  период  неколку градови стојат покритично, но анализите покажуваат дека „Југохром“ е еден од најголемите загадувачи во Тетово, рече министерот Амети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.