Свет

„Амнести интернешнал“ ги обвинува Грција и ЕУ за бегалците

„Амнести интернешнал“ ги обвинува Грција и ЕУ за бегалците

Организацијата за заштита на човековите права Амнести интернешнал ги обвини Грција и Европската унија за пасивност и недостиг на политичка волја за решавање на бегалската криза, пишува весникот „Катимерини“.

– Додека лидерите на ЕУ и Грција се пасивни или седат затворени на состаноци на кои се делат совети без ефект, десетици лица ги губат животите секој ден во Егејското Море, се вели во соопштението на АИ.

Организацијата предупреди дека зајакнатите мерки за безбедност на копнената граница меѓу Грција и Турција и изградената ограда од бодликава жица во 2011 година, долга 12,5 километри ги принудила бегалците и мигранти да ја избираат поопасната маршрута преку морската граница на двете земји.

– Колку удавени бегалци и колку мртви деца се потребни за да бидат активирани европските вредности, прашува АИ.

– Инцидентите не се природен феномен и многу човечки животи можат да бидат спасени, доколку има политичка волја, нагласи директорот на грчкиот клон на АИ, Јоргос Козмопулос.

Податоците на АИ покажуваат дека во првите десет месеци од 2015 година над 454 бегалци и мигранти загинале или се водат како исчезнати во инциденти во Егејското Море. Само во периодот од 28 до 30 октомври 86 лица, меѓу нив и деца загинале или се водат како исчезнати во седум инциденти покрај бреговите на островите Лезбос, Самос, Калимнос и Родос.

АИ констатирала и постоење на мошне лоши услови при приемот на бегалци на островот Лезбос, а исто така и на другите грчки острови, како и во континенталниот дел на земјата.

Организацијата повика за поголема солидарност на Европа кон Грција, како и за координирани активности за спасување на бегалците.