АМС: Наумоска избрана за младински претставник во УО на РИКО

Од страна на Работната група за поддршка на процесот на воспоставување на РИКО (формирана од Агенцијата за млади и спорт по Јавен повик, објавен на 14.07.2016 г) вчера избрана е Бојана Наумоска за младински претставник во Управниот Одбор на оваа канцеларија.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на АМС

Работната група за избор на младинскиот претставник е формирана на иницијатива на невладиниот сектор на координативниот состанок со Директорот на Агенцијата за млади и спорт, одржан непосредно по Парискиот Самит каде беше потпишана Меѓународната спогодба за воспоставување на оваа канцеларија од страна на премиерите на шесте земји. Оваа работна група произлезе како проширување на Работната група која беше формирана во декември 2015 година за поддршка на процесот на воспоставување на РИКО каде учествуваа претставници на невладини организации, како и Министерството за образование и наука, Министерството за надворешни работи и Министерството за култура, како институции кои делуваат во областите во кои ќе бидат и имплементирани активности поддржани од РИКО.

Проширената работна група, составена од 66 претставници (од кои 6 преставници од институции) имаше за цел да изврши избор на младинскиот претставник во Управниот Одбор на РИКО, каде ќе биде дел и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, како владин претставник. Предвидено е учество на двајца претставници од секоја држава (владин и невладин) и работата на оваа работна група завршува со ваквиот избор.

Изборот на младинскиот претставник се изврши според мнозинскиот принцип. При првиот јавен повик беа пријавени тројца кандидати кои ги исполнуваа критериумите утврдени во повикот, но не беше избран младински претставник поради неосвојување на доволен број гласови. На вториот јавен повик се пријавија двајца кандидати кои ги исполнија критериумите од повикот. Гласањето се одвиваше во два круга, а беа присутни 45 членови на работната група. Бидејќи ниту еден од кандидатите не го освои мнозинството гласови првиот круг, се премина на втор круг каде Бојана Наумоска освои 31 од вкупниот број гласови.
Останатите тела во канцеларијата се: Секретаријат, Советодавен Одбор, а предвидена е позиција Генерален секретар и Заменик генерален секретар, кои ќе се избираат во натамошниот период, а за кои нашата држава ќе пројави интерес.

Агенцијата за млади и спорт изразува жалење што и по исполнувањето на сите барања на невладините организации и обидот целокупниот процес да биде отворен и транспарентен, неколку невладини организации прават обид за дискредитирање на процесот и работата на Агенцијата за млади и спорт. Регионалната канцеларија за младинска соработка започнува со работа на почетокот на 2017 година и во таа насока оставаме простор Бојана Наумоска да го изрази својот потенцијал во Управниот Одбор и да биде силен претставник на целиот младински сектор од нашата држава, во највисокото тело на оваа канцеларија.
Истовремено, упатуваме апел до СДСМ да не ја користи оваа иницијатива во рамки на преидзборниот процес, за собирање политички поени.