АМС организираше комеморација за Нико Нестор

Агенцијата за млади и спорт во Музејот на Македонската борба организираше комеморација во чест на ликот и делото на предводникот на македонското маратонско пливање, Нико Нестор, првиот Македонец кој го преплива Охридското езеро и каналот Ла Манш.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески во своето емотивно обраќање изрази сочувство на семејството Нестор нагласувајќи дека за него е големо задоволството што лично го познавал големиот Нико.

Нико Нестор е основоположник на македонското маратонско пливање и прв Македонец што го преплива Ла Манш. Тој беше предводник на славната генерација македонски пливачи маратонци заедно со Климе Савин, Атина Бојаџи и Дики Бојаџи кои ги поставија основите на македонското маратонско пливање. Ја имав таа среќа и привилегија лично да го запознам на почетокот откако дојдов во Агенцијата за млади и спорт. Сосема спонтано, на еден настан ми пријде и со неговата космополитска скромност ми се претстави, ненаметливо и пријателски поразговаравме за сосема обични теми во спортот. Во тој момент ја почувствував енергијата на еден шампион, кој иако имаше 80 години, се уште не го загубил жарот и спортскиот дух, обидувајќи се на секаков начин да помогне и да врати во спортот. Знаев дека добив личен пријател и знаев дека Македонија има спортски великан, кој отсекогаш бил и засекогаш ќе остане во спортот, рече Спасески.

Во една прилика, кога го прашав за неговиот најголем дострел, а тој ми го откри следново:

Додека се обидував да го препливам каналот Ла Манш се навраќав на пресвртните моменти од мојот живот, кој, изгледа  единствено би добил смисла доколку  успеам во својата мисија. За надминување на каналот потребни се натчовечки издржливост и многу среќа. И како реномиран пливач на долги патеки, чии рекордни времиња беа ненадминати скоро една деценија, предизвикот да го освојам Ла Манш беше искушение. Препливањето на оваа патека беше еквивалентно на искачување на Монт Еверест. Мојот сон стана реалност.

ams-komemoracija-1

За неговата личност и дело зборуваа дел од неговото семејство, а свое емотивно обраќање имаше градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како и Иван Заров- директор на Национална универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.

Нико Нестор беше носител на највисокото спортско признание што го доделува Агенцијата за млади и спорт, НАЦИОНАЛНО СПОРТСКО ПРИЗНАНИЕ – СПОРТСКА ПЕНЗИЈА. Не пропушташе спортски настан, кога и да добиеше покана од Агенцијата за млади и спорт, секогаш доаѓаше со задоволство.

Нико Нестор, кој веќе не е со нас, остави аманет за љубов кон спортот, чесен и правилен однос спрема блиските и пријателите, смелост, упорност, истрајност и способност за тимска работа. За напомена е фактот што неговото ценето семејство ја продолжува спортската, пливачка традиција и неговите наследници на најдобар можен начин ќе го спомнуваат името и делото на Нико Нестор. Почина во петокот на 81 година.