Македонија,Политика

Ан Брасер: Бојкотот на парламентот не е решение за проблемите

Ан Брасер: Бојкотот на парламентот не е решение за проблемите

„Бојкотот на парламентот не е решение за проблемите“,  истакна претседателката на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ),  Ан Брасер, барајќи враќање на опозицијата во Собранието.

ПССЕ донесе одлука да испрати пост-изборна мисија во Македонија, која има задача да ја пренесе пораката до политичките партии дека Советот на Европа не се согласува со бојкотот на Парламентот и да го повика СДСМ да се врати во Парламентот, каде е и местото на опозицијата. Ова со оглед дека изборите и покрај забелешките беа оценети како фер, слободни и демократски.

Претседателката на ПССЕ, луксембуржанката Ан Брасер запрашана од наша страна за ситуацијата во Македонија, таа ја спореди истата со една слична ситуација во Албанија.

„Што се однесува на прашањето поставено за Македонија, ситуацијата беше слична со таа во Албанија во 2010. На времето опозицијата по изборите одби да заседава во Парламентот. Претседателскиот комитет на ПССЕ ја посети Албанија за да разговара со сите партии, за да се деблокира ситуацијата, по што опозицијата се согласи да се врати во Парламентот“,  вели таа.

ПССЕ не само во случајот со Македонија, туку и во други слични случаи се залага дијалогот да се води во демократските институции, како Парламентот.

„Само преку демократски пат и демократско однесување можеме да напреднеме. Тоа е советот кој можам да им го дадам на сите оние кои одбиваат да заседаваат во нивниот парламент. Бојкотот на парламентот не е решение за проблемите“, нагласува претседателката на ПССЕ, Ан Брасер.

Александар Николоски шефот на македонската делегација при ПССЕ во однос на пораките кои се ипсраќаат од Стразбур вели:

„Очекувам дека оваа порака ќе биде добро примена од Социјал-демократите, дека јасно ќе ја сватат и дека заедно со пораката на комесарот Филе и со подадената рака од наша страна и од Премиерот Груевски  ќе значи враќање на Социјал-демократите во Собранието, за да можеме заеднички власт и опозиција да работиме за доброто на државата“.

Делегацијата на ПССЕ во Македонија се очекува да допатува на 10 јули, при што пораката од Стразбур е јасна: опозицијата треба да се врати во парламентот, бидејќи бојкотот не е добра за демократијата.