Ана Блажеска e нов државен секретар во Секретаријатот за европски прашања

Владата ја именуваше Ана Блажеска за нов државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, ексклузивно дознава Курир. Таа доаѓа на новата позиција од Брисел, каде што досега ја извршуваше функцијата прв секретар во Постојаната мисија на Република Македонија при Европската Унија.

-Блажеска поседува навистина богата биографија, и тоа и во поглед на своето образование, и во поглед на работното искуство, но и во вештините и способностите кои ги поседува. Одлично говори англиски, француски и кинески јазик, а се служи и со италијанскиот и шпанскиот. Досегашните професионални ангажмани во рамките на државната управа ги извршуваше конструктивно и продуктивно, и веруваме и дека на новата позиција ќе продолжи со својата успешна работа и ќе придонесе во реализацијата на реформите и во европските интеграции, изјави за Курир, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Новата државна секретарка во СЕП, дипломирала на студиите по француски jазик и книжевност со кинески jазик и книжевност, на Филолошкиот факултет Блаже Конески. Специjалистички студии по кинески jазик и култура завршува на Универзитет за странски студии (Beijing Foreign Studies University), во Пекинг, НР Кина. Мастер студиите по конференциско толкување ги завршува на Универзитетот Св. Кирил и Методиj, како стипендист на Европска Комисиjа при што добива и награда Леополдо Коста на ЕК. Блажеска има завршено и мастер студии по европски политички и административни студии, на Колеџот на Европа (College of Europe), во Бриж, Белгиjа, каде ја добива и наградата Инбев Баjе Латур (InBev Baillet Latour) за наjдобра мастер теза.

Таа работела и како надворешен соработник на Филолошкиoт факултет Блаже Конески, и како професор во Францускиoт институт во Скопjе.

Ѓорѓиев истакна дека Владата е благодарна и го почитува ангажманот на досегашниот државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, Јован Андоновски, додавајќи дека комуникацијата и соработката со него ќе продолжи во рамките на реализацијата на владината програма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.