Македонија

Ана Дурловски Национален уметник на Република Македонија

Ана Дурловски  Национален уметник на Република Македонија
Ана Дурловски Национален уметник на Република Македонија

Сопранот со интернационална кариера Ана Дурловски, добитничка на европскиот оперски оскар „Фауст“ и прв македонски оперски солист кој настапил на сцената на операта „Метрополитен“ во Њујорк, од денеска ја има и титулата Национален уметник на Република Македонија.

Највисокото државно признание во областа на културата на Дурловски и го врачи претседателот Ѓорге Иванов кој во своето обраќање истакна дека таа преку своите арии не потсетува на она што не прави луѓе – нашите чувства, судири, дилеми, соништа и стремежи, особено во денешно време на социјални мрежи кога, како што рече, се повеќе се отуѓуваме едни од други, но и од самите себе.

На репертоарот на госпоѓа Дурловски отсекогаш биле улоги со особена музичка но и драмска тежина кои бараат голем напор и беспрекорни гласовни и актерски капацитети. На публиката Ана Дурловски и подари многу карактери со доблести и мани, многу приказни во кои ја препознаваме нашата несовршеност, но и нашата длабока потрага за трите нешта заеднички за сите луѓе. А тоа се потребата за љубов, правда и мир. И тоа го постигна во една од најтешките музички и уметнички форми – операта. Исклучителните музички квалитети што ги поседува Ана Дурловски ја прават еден од најреспектираните и најбарани музички уметници како во Македонија, така и во светот, истакна претседателот Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека со доделувањето на титулата се вреднува влогот на уште еден македонски уметник кој придонесува за меѓународна афирмација на државата и нејзината музичка култура.

Таа ги освои европските и светските оперски сцени, промовирајќи ја нашата држава како земја на врвни уметници и таленти кои со своето дело го слават името на својата држава низ сите светски меридијани. Ана Дурловски е уметник со импозантна кариера, првиот македонски оперски пејач кој воопшто има настапено на сцената на најголемата оперска куќа во светот – Метрополитен операта во Њујорк каде минатата година ја толкуваше Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“ на Моцарт, улога со која во 2006 година дебитираше на сцената на Државната опера во Виена… Нејзините извонредни креации ја одушевуваат критиката и публиката низ целиот свет и затоа е одликувана со неколку значајни признанија, меѓу кои е и наградата „Фауст’ која се смета за пандан на филмскиот „Оскар“, рече Канческа-Милевска.

Ана се заблагодари за честа што и ја укажала стручната комисија со донесување решение за титулатата. Се заблагодари на својот сопруг, басот Игор Дурловски, со кого заедно ја градеа меѓународната кариера и често имаат настапувано  заедно на сцената.

Кој овие години ме водеше кон патот на успехот, кој ми беше столб, со кој имам три прекрасни дечиња – Максим, Лука и Софија, на кои им ја посветувам оваа награда. Мојот пат не беше лесен, но јас ќе продолжам да го градам и понатаму, со сета искреност, од срце, за себе и за мојата земја Македонија, истакна македонската сопранистка.

Ана Дурловски (Штип, 1978) музичкото образование го почнала во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, продолжила на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност-Скопје  во класата на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, каде што ги завршила и магистерските студии. На сцената на Македонската опера и балет дебитираше во 2000 година како Лучија ди Ламермур, а од наредната 2001 година почна да ја развива својата вокална техника во Виена и да соработува со оперски куќи низ светот. Во својата досегашна кариера има голем број водечки солистички улоги на престижните сцени во Москва, Виена, Берлин, Мадрид, Штутгарт, Минхен, Франкфурт, Лозана… и во сите држави во регионот.

Ана Дурловски е петти носител на титулата Национален уметник на Република Македонија, која во изминатите години ја добија: пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски, естрадниот уметник Есма Реџепова-Теодосиевска и оперскиот пејач Борис Трајанов.