Анализи

АНАЛИЗА: Авангарда во џихадот

АНАЛИЗА: Авангарда во џихадот

Пропагандата на „Исламска држава“ се фокусира врз регрутирањето на борци од странство, кои групата ги привлекува од целиот свет – нешто, кое според експертите во борбата со тероризмот, е всушност авангарда во џихадот и тоа во светски рамки.

Многу маркантно во вознемирувачкото видео, кое се појави пред неколку денови и кое ја покажува отсечената глава на американскиот хуманитарец Питер Касиг, е тоа што во позадината во пустината се гледаат странски борци, облечени во износени воени униформи, кои убиваат војници од армијата на сирискиот претседател Башар Асад.

За разлика од претходните видеа на „Исламска држава“, лицата на 15-те егзекутори не се скриени. Камерата, при снимањето на видеото, се задржува на убијците. Некои од џелатите, според западните разузнавачки служби, се од Велика Британија, некои од Франција, но и од други европски држави. Разузнувачките информации велат дека едниот е Максим Ошар, дваесет и двегодишник од Нормандија. Британската полиција ги истражува тврдењата дека меѓу членовите на „Исламска држава“ е и Британецот Насер Мутхана, дваесетгодишник студент по медицина од Кардиф. Претходно Мутхана бил забележан и во друг пропаганден филм на терористичката група.

Додека камерата ги снима лицата на арапите во нивниот смртоносен поход, во еден момент се задржува на мажи, чии „физички црти се карактеристични за жителите на централна и југозападна Азија, и се разликуваат од оние во Ирак и во Сирија“, вели Роберт Макфадан – поранешен специјален агент на Морнарицата, експерт за криминални истраги, а сега службеник во консултантската фирма „Суфан”.

Со акцентирањето на странските борци во позадина, во видео записот од колежот, „Исламска држава“, минува на едно ново ниво во пропагандата, за разлика од снимката од обезглавувањето на американскиот новинар Џејм Фоли, каде во кадарот беше маскиран маж, кој говореше англиски јазик со типичен британски акцент. Маскираниот, кого медиумите го нарекоа Џихади Џон, се појави уште во неколку видео записи, главен фокус во тие видеа џихадистите ставија на странците во нивните редови, особено на оние англиското говорно подрачје.

Според аналитичарите, присуството на странци во редовите на „Исламска држава“ не само што испраќа заплашувачки сигнал кон западните влади, туку и дава на групата аргумент за нејзината легитимност пред џихадистите скептици.

„Тие сакаат да покажат дека се легитимна џихадистичка организација, која во изминативе 10 години водела битки, и сега кон не се припоиле сите оние луѓе, кои им е чест да бидат дел од џихадот. Меѓу нив има Британци, Французи, Азијати од јужна и југоисточна Азија, и сите тие беа покажани без маски. Од тоа може да се насети дека групата допрела до срцето на различните муслимански заедници во светот“, вели Аки Периц, бивш аналитичар на ЦИА.

„’Исламска држава’ се обидува да покаже дека ја надминала познатата терористичка мрежа ’Ал Каеда’. Видеата покажуваат млади луѓе борци од целиот свет. Порака е јасна, дека тоа е всушност ’Исламска држава’ – калифатот“, дополнил тој.

Кадрите, на кои се гледаат како странците, припадници на групата, обезглавуваат војници на Башар Асад, можеби се обид и да се покаже дека „целиот исламски свет се собира во Сирија, за да се бори против Асад“, смета Вил Меккантс од институтот „Brookings“, кој е поранешен советник на американскиот Стејт Департмент. За пропагандата на џихадистичката група е валиден принципот: „Колку подалеку е татковината на борците, толку подобро е тоа“.

Според Меккантс, на тој начин групата може да биде критикувана дека носи странци да управуваат со близу 6-те милиони Сиријци и Ирачани, кои живеат на териториите под контрола на „Исламска држава“.

„Пораката која е испратена до Западот, е јасна – ’Фактот дека џелатот на западњакот е западњак, е застрашувачки’, вели тој.

Во видеото од егзекуцијата на новинарот Фоли, Британецот Џихади Џон, кого британските разузнувачи сеуште се обидуваат прецизно да го идентификуваат, ветува дека „утре, ’Исламска држава’ ќе убива американски војници.

„Како што кажа марионетата Дејвид Камеро – ’Исламска држава’ ќе ги убива вашите луѓе на вашите улици“, се закани Џихади Џон во видеото.