АНАЛИЗА: Балтичките земји се вооружуваат – ги фаќа страв и паника од Русија

Дејствијата на Русија спрема Украина ги зголемија воените трошоци на балтичките земји, кои минаа половина век под советска окупација и кои стравуваат поради територијалните амбиции на Москва, пишува „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.

Искрено, пред руската воена машина, балтичките држави сами немаат никакви шанси. Според литванскиот аналитичар Александрас Матонис, во случај на напад тие земји треба да успеат да го одбијат првиот напад, да покажат волја за отпор, и да ја очекуваат северноатлантската коњаница.

– Во најлош случај, ако има напад врз балтичките држави и ако НАТО ги активира своите планови за одбрана, сојузниците ќе имаат потреба од одредено време за да одговорат. Првиот бран агресија ќе треба да биде пресретнат и одбиен од засегнатите земји и тоа само со нивните сопствени средства за одбрана, смета Матонис.

Откако Русија си го зема Крим и го присоедини кон својата територија и им даде помош на сепаратистите во источна Украина, Литванија Летонија и Естонија почнаа да купуваат воена опрема и вооружување и ги зголемија своите воени буџети. Откако во 1991 година ја објавија својата независност и се одделија од СССР, во 2004 година овие три земји се присоединија кон НАТО и ЕУ, за да си ги зајакнат своите врски со Западот.

Трите балтички држави ги зголемија своите воени трошоци за да ги сиполнат ангажманите. На 9 декември, годинава, Естонија потпиша со Холандија најголем воен договор во својата историја – купувајќи борбени возила и шест тенкови од типот „Леопард“ за 138 милиони евра. Во август Летонија купи од Велика Британија 123 борбени возила, а минатиот месец склучи договор со Норвешка за набавка на 800 противотанковски системи и 100 воени камиони. Литванија, пак, порача од Полска системи за против-воздушна одбрана за што потроши 20 милиони евра за американски ракети. Така, за 6 месеци трите мали држави, кои вкупно бројат нешто над 6 милиони жители, потрошија 300 милиони евра за борбена опрема.

Според летонскиот експерт Кристина Рудзите-Стејскала, Естонија, која се покажа како еден од малкуте членови на нТО кои одговорија на барањето на Алијансата за одделување на 2 отсто од БДП-то за воени трошоци, предвидува да ги зголеми тие расходи на 2,05 отсто. Вилнус и Рига се далеку од таа цел – со 0,89 отсто, односно 0,91 отсто. Но, во 2015 година сепак планираат до го зголемат својот воен буџет до 1,1 односно 1 отсто од БДП-то.

И покрај овие напори, вкупната сума за воени трошоци на балтичките земји – 1,2 милијарди евра за 2014 година, изгледа смешно во споредба со тоа што Русија троши по 60 милијарди евра, или 3,4 отсто од нејзиниот БДП.

Стравувањата на Литванија, Летонија и Естонија се зголемија со интензивирањето на руската воена активност долж нивните граници. Руски воени авиони секојдневно прелетуваат на самиот раб од границите на балтичките земји. Изминатиот викенд, поточно во ноќта меѓу 6 и 7 декември, авиони на НАТО полетувале неколку пати, за да ги „придружуваат“ руските бомбардери.

На 8 декември Литванија го зголеми нивото на борбена готовност на својата армија, откако 22 руски бробрени бродови минаа преку Балтичкото море. Во групата, која се движела на само 5 километри од територијалните води на Литванија, имало и една тешко вооружена корвета.