Анализа: Брегзитот ќе има мали негативни последици врз еврозоната

Резултатот од референдумот за излез на Велика Британија од ЕУ ќе има мало негативно влијание врз прогнозите за економскиот раст во еврозоната, оценуваат во заедничка анализа институтите ИФО, ИНСЕЕ и ИСТАТ.

Во соопштението на трите институти се наведува дека се очекува во третиот квартал од оваа година еврозоната да забележи раст од 0,4 отсто, а во четвтиот од 0,3 проценти.

Според аналитичарот на ИФО, Атанас Христов, доколку и не се случеше референдумот, предвидувањата за третиот квартал ќе беа истиа, а за четвртиот ќе се прогнозираше раст во еврозоната од 0,4 отсто.

– Референдумот ја зголеми неизвесноста. Но, негативното влијание ќе биде ограничено на краток рок, додека на среден рок тоа ќе зависи од новите договори што ќе ги постигнат Британија и ЕУ, смета Христов.

Во целина, годишната стапка на раст во еврозоната во 2016 година се очекува да изнесува околу 1,6 процнети.

Според институтите, потрошувачката на домаќинствата ќе остане главен поттикнувач на растот, благодарение на ниските стапки на инфлација и подобрените услови на пазарот на трудот.

Од друга страна, ниските каматни стапки ќе ги стимулираат инвестициите на компаниите, се наведува во анализата.

Базирајќи се на претпоставката дека цената на северноморската нафта од типот „брент“ ќе остане стабилна на ниво од околу 49 долари за барел и дека курсот на еврото ќе изнесува 1,12 американски долари, трите институти очекуваат годишната стапка на инфлација во еврозоната годинава благо да порасне на 0,3 проценти.