Анализи

АНАЛИЗА: Ципрас – рицарот на „левичарската“ округла маса

АНАЛИЗА: Ципрас – рицарот на „левичарската“ округла маса

Колку Брисел да го прекорува кабинетот на Алексис Ципрас, реалноста е дека Атина сепак е затрупана со телеграми со честитки од Латинска Америка.

Даниел Ортега, Николас Мадуро, Кристина Киршнер, Ево Моралес… дури и легендарниот кубански лидер Фидел Кастро се фати за пенкалото. Сите му искажуваат почит на Ципрас, кој според нив е новиот глобален херој на угнетените маси, пишува германски „Ди Велт“, пренесува Нетпрес.

Грците извојуваа „брилијантна политичка победа“, бидејќи го заштитија својот идентитет и својата култура од надворешна агресија. А, тоа заслужува восхит од Латинска Америка и народите од Карипскиот басен, смета револуционерот во пензија Кастро, кој долго време не се огласил во јавноста.

Изгледа дека грчкото „не“, кое граѓаните на балканската држава му го кажаа на Брисел, предизвика голем емоционален восклик далеку од европските граници. Младиот премиер во Атина доби не само на референдумот, туку ги освои и срцата на левичарите во Латинска Америка.

Сега Ципрас е рицар на округлата левичарска маса – и што од тоа, кога е преку океанот.

Никако не е добро Ципрас да избрзува со радоста од новата „титула“, бидејќи таа е плод на една-единствена причина: застојот во популизмот на латино-американската левица и недостатокот од харизматичен лидер, кој би покренал придвижување.

Венецуела, која може да се нарече идеолошки „дом“ на левите партии како грчката „Сириза“ и шпанската „Подемос“, преживува голем економски пад. Сега, кога цената на нафтата долго време се задржа на ниско ниво, а расходите на владата се високи, земјата е на добар пат да пропадне. Големиот проблем на наследникот на покојниот Хуго Чавес – Николас Мадуро, е тоа што му недостига шармот и харизмата на својот претходник.

Латино-американската левица има проблеми не само во Каракас. Во Аргентина претседателот Кристина Киршнер не може да биде реизбрана, а во земјата недостасува еден убедлив наследник, кој ќе ги продолжи нејзините дела. Во Бразил Дилма Русеф се збогува со поддршката од партиите од политичкиот центар, а во Боливија Ево Моралес се бори да ги зацврти своите позиции, иако неговата земја не располага со неопходните ресурси за влијание во регионот.

Ете го и проблемот: Латинска Америка остана сираче по смртта на Хуго Чавес.

Јужна Америка има потреба од вистински лидер, кој ќе им објасни на граѓаните зошто најбогатиот континент во светот има најсиромашно население.

Алексис Ципрас ги поседува сите потребни квалитети, кои му се неопходни, за да се насмевнува од врвот на светската левица. Тој е ново лице, младо лице и внесува нова работи во кампот на социјалистите. И за да биде уште поубаво – советниците од држави како Венецуела и Еквадор се добредојдени во Атина, како што веќе е добро познато. Кратката кампања, која кабинетот на „Сириза“ ја спроведе непосредно пред референдумот, беше идентична копија на некогашната предизборна стратегија на боливискиот претседател Ево Моралес, кој ја користеше картата со американско вмешување, за да го мобилизира својот електорат. Со тажен поглед и рака стисната во тупаница, Моралес се обраќаше кон народот:

„Боливијци, вие одлучувате кој да ве води“.

Тоа проработе во Сукре, а проработе и во Атина. Само има една мала разлика – тогаш непријателот беше Вашинготн, а сега е Берлин.

Преку Грција латино-американската левица во крајна сметка ќе добие шанса да изгради мост кон Европа – она, за кое мечтаеше легендарниот лидер на Кубинската револуција, Фидел Кастро, и она, кое се обиде да му го предаде на својот идеолошки наследник Хуго Чавес. Имено, затоа од Акапулко до архипелагот Огнена земја Ципрас е претставен како новиот херој на угнетените народни маси.

Но, светската социјалистичка револуција, сепак, треба да почека, додека грчкиот премиер се обидува да ја спаси својата земја од финансискиот колапс.