АНАЛИЗА: Џихадот пред портите на Европа

Зајакнувањето на сунитската група „Исламска држава“ во Сирија и во Ирак силно ги мачи европските лидери, и тоа е сосем оправдано, пишува швајцарскиот весник „Ле Матин“, пренесува Нетпрес.

Британскиот премиер, Дејвид Камерон, во неделата, рече дека џихадистите од „Исламска држава“ во Сирија и во Ирак, се голема и директна закана за неговата земја.

Минатата недела, пак, вознемирувачки вести пристигнаа од Мароко. Според безбедносните служби на Рабат, околу 3.000 марокански џихадисти се вратиле од Сирија и од Ирак. Загриженоста е голема зошто тие се способни да извршуваат напади во Мароко, но и во Шпанија.

Дали призракот на нападите на Стариот континент, кој тлее од почетокот на војната во Сирија, денеска веќе станува реалност?

– Заканата воопшто не е за потценување. Тоа е карактеристично за новиот тероризам. Тој може да се појави во секој момент, на секоја територија, преку различни лица и со постојано зголемување на транснационалната мобилност, рекол Мохамед Махмуд Улд Мохамеду, заменик-директор во Женевскиот центар за политиката и безбедност и наградуван предавач на Институтот за виши универзитетски истражувања и развој.

Жан-Пол Рује – директор на Женевскиот центар за обука и анализирање на тероризмот, вели:

– Европа е засегната пред се’, поради две причини – присуството на многу млади европјани во редовите на борците и поголемата географска блискост на „Исламска држава“ до Европа во споредба на пример со „Емиратот Авганистан“ во минатото.

Нема непосредна опасност од напади

И покрај се’, експертите сепак се двосмислени во однос на непосредната опасност од напади на европска територија.

– Денеска лидерите на „Исламска држава“, пројавуваат интерес првенствено кон географската зона во која се наоѓаат. На среднорочен план, пдо најголема закана се Јордан, Либан, Иран и Саудиска Арабија, коментирал Жан-Пол Рује.

Според него, критичната грижа на Европа е сосем друга:

– Амбициите на „Исламска држава“ бараат членство. Во однос на тоа Европа претставува огромен ресурс за регрутирање на борци. Тоа значи дека проткот на млади луѓе до конфликтните зони ќе продолжи.

Тој додал дека дури по неколку години, некои од оние кои ќе се вратат ќе претставуваат вистински проблем, со тоа што најверојатно ќе се обидат да формираат насекаде низ Европа јадра за поддршка на „Исламска држава“.

– Засега не треба да заборавиме дека најмногу граѓаните на земјите во кои овие групи дивеат, живеат под силни удари на тероризмот, потенцирал Мохамед Махмуд Улд Мохамеду.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.