Анализи

АНАЛИЗА: ЕУ – кошмар за едни, сон за други

АНАЛИЗА:  ЕУ – кошмар за едни, сон за други
Европската Унија, иако се помалку и помалку е сакана од сопствените земји – членки, продолжува да биде привлечна поради демократските вредности и стандарди за живот.
Јасен пример за последното се демонстрациите против власта во Киев, пишува Франс прес во својата анализа околу последните случувања во Украина и ЕУ.
Откако украинските власти објавија дека нема да го потпишат договорот за асоцијација, за што се преговараше со години со Брисел, опозицијата излезе на улиците со европски знамиња, за да побара продолжување на приближувањето кон ЕУ и дури оставка на претседателот Виктор Јанукович, кој се најде под притисок од Русија.
„Овие демонстрации ’покажуваат’ дека срцето на украинскиот народ бие за Европа“, соопшти на почетокот на минатата недела германската влада.
Во Украина луѓето „го чувствуваат притисокот на Русија, сакаат да избегнат враќање назад кон еден стил на доминација сличен на советскиот“, смета Стивен Блокманс од Центарот за европски политички истражувања.
За голем дел од населението тоа е „одлучувачки момент“ за иднината на земјата.
Тие не можат повеќе да поднесат „авторитарна власт, посткомунистички менталитет, политизирано судство и економски пад“, тврди европскиот дипломат.
Договорот за асоцијација за нив е „симбол“, „клуч, кој што ќе им ги отвори вратите на Европа“.
Покрај потешкотиите на интеграцијата проевропскиот сентимент останува силен и на Балканот, кој што исто така се ослободи од комунизмот, пред да западне во војна во 90-тите години. Овие земји претставуваат „се’ уште многу жив споменик за конфликтите и бараат стабилност и единствен пат им е европскиот проект“, истакнува Блокманс.
Според него, овие земји чукаат на портите на ЕУ неколку години, а Србија во следните неколку недели очекува официјално почнување на преговорите за прием во ЕУ.
Назад во повеќето земји членки на ЕУ и најмногу во оние кои беа најлошо погодени од кризата, поддршката за европската конструкција во последните години значително опадна и ги зголемува стравувањата од победа на евроскептичните партии на престојните европски избори.
Европјаните од Запад, кои живеат во демократии и отворени економии речиси 70 години, сметаат, дека овие слободи се подразбираат.
„Тоа што ги воодушевува соседите од Истокот, нив ги остава рамнодушни“, нагласува Јан Техау од центарот „Карнеги Европа“.
Но, привлечната сила на Европа носи и закана од неуспех. Последните проширувања значително допринесоа за тоа луѓето да се одвратат од ЕУ, смета експертот.
За Техау причините се многу, во очите на многу граѓани земјите од Истокот и Балканите изгледаат подалечни од срцето на Европа, кризата го поткрепи чувството за повлекување, дури и за отфрлање, проширувањето лесно се врзува со идејата за глобализација, која е далеку од тоа да ужива популарност, тоа дополнително предизвика чувство за распад и ослабување.
Толку многу се причините, кои го објаснуваат растечкото противење на јавното мислење и на европските лидери во прифаќањето на нови членки. Според истражувањето на јавното мислење на „Евробарометар“, објавено пролетта, 52 отсто од Европјаните се против какво и да е проширување.
По падот на Железната завеса Европјаните им предложија перспектива за присоединување на поранешните комунистички држави од Истокот, кои беа ефективно интегрирани во ЕУ десетина години подоцна, откако ги исполнија политичките и економски услови, наложени од ЕУ, потсетува Франс прес.
Но, поради стравот од „полскиот водоводџија“ во дебатата за работниците кои дојдоа од Истокот во срцето на европското општество јавното мислење настапи со извесна недоверба. Се разбира, Хрватите влегоа во Унијата на први јули, но севкупниот моментум за проширувањето сега изгледа достигна мртва точка.
Процесот со земјите од Балканот напредува со брзина на желка, да не зборуваме за преговорите со Турција, кои генерално се стопирани, се наведува во анализата.
Што се однесува на поранешните советски републики, со исклучоок на трите мали балтички земји кои успеа да влезат во ЕУ во 2004 година, Европјаните и никогаш не им ја понудија европската перспектива.