АНАЛИЗА: ЕУ во СИРИЗА бунило

Многу нереално е да се очекува дека Грција целосно ќе го исплати својот огромен долг. Ова го изјави портпаролот за економски прашања на грчката партија СИРИЗА, која победи во неделата на парламентарните избори.

– Никој не верува дека грчкиот долг може да биде исплатен, изјави Евклид Цакалотос.

СИРИЗА сака да отпочне нови преговори во однос на спасувачкиот план вреден околу 240 милијарди евра, кој меѓународните кредитори го изготвија за Грција. Европските лидери, пак, ја предупредија Атина дека ќе треба да ги исполни своите обврски кон кредиторите.

– Не познавам економист, кој тврди дека Грција ќе го исплати целосно својот долг. Тоа едноставно не е возможно, рекол Цакалотос.

Според него, сега европските лидери треба да покажат дека сакаат да соработуваат со СИРИЗА.

– Европа ќе се претвори во едно чудно и опасно место со многу силни центрифугални политички сили, ако европските лидери покажат дека, по демократските избори, не сакаат да дискутират со новата власт. Тоа ќе биде знак дека Европа не може да прифати демократски и социјални промени, дополнил портпаролот.

Тој ја оцени како свој „најголем кошмар веројатноста еврозоната да се урне поради крахот на Грција“.

Опасна Европа

„Ако Грција крахира и излезе од еврозоната, дури тогаш еврозоната ќе се распадне. Одамна кажуваме дека еврозоната и еврото се во опасност. Но,  опасноста не доаѓа од СИРИЗА, туку од политиките за економијата, дополнува Цакалотос.

Според економскиот аналитичар Роберт Пестон, ако СИРИЗА добие во преговорите со еврозоната, во останатите земји, партиите кои се против рестриктивните мерки ќе добијат повеќе тежина во очите на избирачите. Тој смета дека победата на Марин ле Пен на претседателските избори во Франција би бил интересен тест за ладнокрвноста на пазарите.

– Ако Сириза изгуби во дијалогот со Брисел и со Берлин, и ако Грција навистина излезе од еврозоната, тогаш инвеститорите може да ги повлечат своите заштеди од сите земји од еврозоната, во кои националистите имаат предност, вели аналитичарот.

Зошто, пак, инвеститорите не испаничија по победата на СИРИЗА? Зошто еврото и берзанските фондови беа многу малку засегнати? Едно многу малку веројатно објаснување е дека инвеститорите веруваат дека еврозоната би била посилна без Грција. Поверојатно, пак, е дека многу наивно е тие да сметаат дека разумот сепак ќе надвладее и дека Берлин ќе се согласи на отпис на дел од големиот долг на Грција.

Многу важен детаљ е фактот дека надвор од Германија речиси и да нема економист или централна банка, кои мислат дека претходното преструктуирање на долгот е со долговечен ефект.

Така да можеби едноставно, откако Грците направија огромна, а некои би рекле и безмислена економска саможртва, Германија сепак ќе се согласи на спасителен план, кој ќе и’ даде на Грција сила да се извлече од своите колосални долгови.

ИЗВОР: Би-Би-Си