АНАЛИЗА: Фредерика Могерини – новото лице на европската дипломатија

Новото лице на европската дипломатија, 41-годишната Федерика Могерини, досегашен министер за надворешни работи на Италија, го означува доаѓањето на новата генерација политичари на чело на Европската унија.

Според италијанскиот премиер Матео Ренци, таа треба да отелотвори една Европа, која ќе биде поотворена кон граѓаните, која ќе биде поблиска и солидарна со младите, и понаклонета кон европските вредности отколку кон единствената европска валута, пишува француската новинска агенција АФП, пренесува Нетпрес.

Могерини беше назначена за министер за надворешни работи на Италија, на големо изненадување на сите во земјата, во февраури, годинава, и е еден од најмладите министри во кабинетот на премиерот Матео Ренци. Тогаш дури и италијанскиот претседател Џорџо Наполитано изрази сомнеж за нејзиниот капацитет. Но, и покрај се’, Могерини успеа да и’ го земе местото на харизматичната 65-годишна шефица на италијанската дипломатија, Ема Бонино.

Откако италијанската Демократска партија на Ренци помина одлично на европските избори, за разлика од повеќето левичарски партии, и се декларираше како првата национална лева сила во Европскиот парламент, италијанскиот премиер ја објави кандидатурата на Могерина за функцијата прв европски дипломат. Во изминативе неколку месеци, Могерини, која има огромна самодоверба, значително го зголеми бројот на своите патувања, особено во Украина и во Русија, но и на Блискиот Исток.

Нејзината средба со рускиот претседател Владимир Путин, и навлече голем број критики и таа веднаш беше етикетирана како проруски настроена.

federika-mogerini

Могерини дури и го покани Путин на средбата на врвот на Европа со Азија, во октомври, годинава, организирана од италијанското претседателство на ЕУ и изрази поддршка за гасоводот на Газпром „Јужен Поток“, објавува германската новинска агенција ДПА, пренесува Нетпрес.

Критичарите на шефицата на италијанската дипломатија, по ова, веднаш на социјалната мрежа „Твитер“ креираа акаунт „Сопрете ја Могерини“, насочен против нејзината номинација во ЕУ, дополнува ДПА.

Италијанските аналитичари ги обвинија за лицемерие критичарите на „проруската“ Могерини и посочија  дека не само таа, туку и Германија и Франција преземаат еден многу претпазлив поход кон Кремљ, дополнува ДПА.

Фредерика Могерини е родена в Рим. Завршува високо образование во италијанската престолнина и докторира политички науки на универзитетот „Сапиенца“, посочува „Франс прес“.

Нејзината докторска дисертација е посветена на исламот и на политичката, и е напишана по нејзиниот кус престој во францускиот град Екс-ан-Прованс, во Институтот за истражувања и проучувања на муслиманскиот и на арапскиот свет. Таму Могерини заминала благодарение на програмата на ЕУ за универзитетска размена.

На почетокот на 21-от век, Могерини учествува во национални и во европски кампањи, насочени против расизмот и против ксенофобијата. Тогаш била назначена и за заменик-претседател на Европскиот младински форум, кој ги обединува европски младински органзиации, како и за заменик-претседател на Организацијата на младите европски социјалисти.

Могерини почнува да се занимава со надворешна политика во партијата Леви демократи, од која потоа се раѓа Демократската партија, која денеска е на власт во Италија. Могерини е одговорна за соработката на партијата со американските демократи и со Партијата на европските социјалисти. Таа во 2008 година, станува пратеник во италијанскиот парламент и е во составот на комисијата за надворешна политика и во комисијата за одбрана во Комората на пратениците.

Во 2013 година, застанува на чело на италијанската делегација во парламентарното собрание на НАТО. Во декември, лани, станува раководител за европските и за меѓународните прашања во раководството на Демократската партија.

Покрај мајчиниото итлаијански јазик, таа зборува англиски, француски и по малку шпански јазик, пишува АФП.

Могерини е омажена за поранешниот директор на хуманитарната организација „Спасете ги децата“, Матео Рабецани, кој бил одговорен за меѓународни односи во општината Рим, за време на мандатот на градоначалникот Валтер Велтрони.

Таа има две ќерки – Катерина, родена во 2005 година, и Марта, родена во 2010 година. На својот личен блог, Могерини има напишано дека обожува да патува, неважно каде, сака да чита, најмногу крими-романи, какои да го минува времето со луѓето кои ги сака.

federika-mogerini1

Инаку, на челото на европската дипломатија, Фредерика Могерини ќе ја наследи Британката Кетрин Ештон, која во својот мандат доби фалби за нејзината посредничка улога за односите на Србија и на Косово, како и за преговорите за иранската нуклеарна програма.