АНАЛИЗА: Големи политички потреси и претстојат на Европа

Големи политички потреси може да се очекуваат во Европа во текот на годинава, покажало истражување изработено од „Одделот за социолошки истражувања“ на магазинот „Економист“, пренесува Нетпрес.

Резултатите се дека популистичките партии најверојатно ќе однесат победи на изборите, а главните политички сили може да бидат принудени да склучуваат досега невидени сојузи.

„Демократската криза“ во Европа претставува пропаст за елитите и за гласачите, наведено е во извештајот од истражувањето.

„Има огромна пукнатина во срцето на европските политики, каде треба да бидат генерирани големите идеи“,стои понатака во извештајот.

Ниската гласачка активност на изборите и силниот одлив на членови на традиционалните партии, се меѓу клучните фактори за таа појава.

Силна дестабилизација

Велика Британија, која годинава ќе спроведе парламентарни избори, се наоѓа во „разгорување на потенцијално континуиран период на политичка нестабилност“, велат експерти.

Тие сметаат дека ќе има многу висок ризик изборите да доведат до една нестабилна влада, и прогнозираат дека популистичката „Британска партија за независност“ ќе им земе гласови како на конзервативците, така и на лабуристите. Фрагментацијата во параметрите на избирачите, прикажана преку мнозинскиот избирачки систем, го прави се’ потешко формирањето на еднопартиските влади со парламентарно мнозинство.

Најнепосредните политички промени, како и тестот за тоа како растечкиот популизам може да се претвори во изборен успех, се очекуваат во Грција. Неопходноста од предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на 25 јануари, годинава, произлезе од неуспехот за избор на претседател на земјата во декември, лани. Анкетите покажуваат дека крајнолевата и популистичка партија Сириза засега е најсилна. Ако прогнозите се покажат како точни, и Сириза успее да формира влада, според „Економист“, тоа би предизвикало бранови на шок во целата Европска унија и ќе биде катализатор за политички потреси и на други места.

– Избирањето на Сириза ќе биде силно дестабилизирачко случување како за Грција, така и за регионот. Најверојатно тоа би предизвикало криза во односите меѓу Грција и меѓународните кредитори, бидејќи отписот на грчкиот долг е основата на платформата на партијата.

Со слични непријателства на статус кво партиите, како и со популистичките партии кои добиват брза популарност во голем број земји во кои во 2015 година треба да се одржат избори, последиците од идната нестабилност во Грција ќе бидат значителни, наведено е во извештајот од анкетата на „Економист“.

Миграцијата и економиите

Други примери за европските избори со потенцијално непредвидливи резултати се претстојните во Данска, Финска, Шпанија, Франција, Шведска, Германија и во Ирска.

– Во овие земји има едно заедничко нешто – подемот на популистичките политички партии. Расположението против статус квото собра поддржувачи во целата еврозона, како и во некои земји од останатиот дел на ЕУ. Со тоа ризикот од политички расцеп и евентуална криза е висок, пишува во извештајот.

Според „Одделот за социолошки истражувања“ на магазинот „Економист“, популистичките партии и движења, било да се левичарски или десничарски, или пак од центарот, се вкотвиле во празнината која се појави меѓу старите политички партии и нивната традиционална социјална база. Спротиставувањето на власта во Брисел, миграцијата и економиите се клучни теми и лозинки на сплотување за многу од тие партии.

Подем на протестите

Во меѓувреме, паралелно со подемот на популарноста на популистичките движења во последнава година, станавме сведоци на вистински бум на народните протести во многу делови од светот. „Одделот за социолошки истражувања“ на „Економист“ ги одбележува големите протесни движења, кои во последниве пет години се појавија во над 90 земји и беа водени првенствено од млади, образовани луѓе од средната класа, кои негодуваат и се против своите политички лидери и ги претпочитаат „Твитер“, но и другите социјални мрежи пред традиционалните политички трибуни.

– Во изминативе години во Европа, Блискиот исток, Северна Африка и во Латинска Америка се случија бранови од народни протести. Други региони како Азија и Северна Америка имаа послаба тенденција кон тоа, но сепак не беа изземени. Мотивите на протестите беа различни – некои беа одговор на економската криза, други беа бунт против власта, трети пак беа израз на желбата на народот гласот да им биде слушнат од политичките елити и раководства, а имаше и такви, кои ја изразуваа желбата на новата средна класа во брзо развивачките нови пазари, пишува во извештајот.

Како и да е, сите тие случувања го поставуваат прашањето дали навистина тие се закана за демократијата или се доказ дека таа сепак сеуште е жива.

Претпоставувајќи дека Саудиска Арабија, на пример, е отскочна штица за демократијата во регионот, кој е познат по демократски дефицит, сепак резултатот засега покажува ограничени демократски промени и доста катаклизми. Сеуште не е јасно каков ќе биде импактот на продемократското движење на пример во Хон Конг – демонстрантите ги отфрлија предлозите на Пекинг за начинот на кој Хон Конг би го избирал својот политички лидер, и тоа под изговор дека е „лажна демократија“. Во земјата со најмногубројно население во светот каде западната демократија воопшто и не се гледа на хоризонтот, друго е прашањето дали таа позиција може да биде и ќе биде безрезервно и долгорочно поддржана пред лицето на демократските тенденции во цела Азија и пред силниот подем на кинеската средна класа.

Засега едно е сигурно, односно дека непредвидливата судбина на „старите“ демократии несомнено ќе биде следена одблизу од владите и од активистите од целиот политички спектар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.