АНАЛИЗА: Грција го добива најмладиот премиер

Алексис Ципрас – лидерот на Сириза, партијата која е силно против економските мерки и која победи на парламентарните избори во Грција.

Тој поминал низ еден пат на развој од младешките комунистички години, од кои ги задржал презирот кон вратоврските и приврзаноста кон Че Гевара. Со своите 40 години, тој најверојатно ќе стане најмладиот премиер на Грција во последниве 150 години, објавува АФП, пренесува Нетпрес.

Ципрас е олицетворение на надежта на европската антилиберална левица, а многу нејзини претставници во последниве денови допатуваа во Атина со желба да присуствуваат на успехот на својот миленик.

Ципрас немаше никаков сомнеж околу својата победа и за време на својот последен митинг во Атина во четвртокот тој веќе се гледаше како премиер, сигурен дека „од понеделник ќе ја преземе тешката задача“.

Меѓу италијанската песна на отпорот „Bella, Сiao“, пеена од мнозинството, и баладата на Леонард Коен „First we take Manhattan“, која ечеше од звучниците, Алексис Ципрас не ја изгуби вербата, добиена во изминатите години на криза.

Иако не доаѓа од политичка династија, за разлика од многу други грчки политичари, сепак тој многу рано влегува во политичка активност. Грција, за прв пат, дозна за него кога тој како претставник на гимназиско движење се појави на телевизија во 1990 година. Тогаш, многу гордо со своите 16 години изјави:

„Сакаме да имаме право да избираме, кога одиме на училиште“.

Ципрас го задржа своето младешко лице и приврзаноста кон Че Гевара, по кого го крстил и еден од своите синови, Орфе – Ернесто. Но, ја потскрати и подсреди својата коса, која му беше имиџ долго време откако ги заврши студиите во Атина, каде дипломирал како инжињер. Токму тоа училиште – традиционално гнездо на студентски протести, беше арена на крвави репресии за време на воената диктатура меѓу 1967 и 1974 година.

Ципрас е роден во Атина во јули 1974 година, неколку денови по падот на хунтата. По првичното учество во Грчката комунистичка младина (KNE), тој пристапува во „Синаспизмос“ – мала евро-комунистичка и антиглобалистичка партија. На 33 години тој беше избран за претседател на таа формација, која во истата 2008 година, станува дел од коалицијата на неколку организации и леви партии под името „Сириза“.

Нејзиното, пак, политичко „воено крштевање“ доаѓа неколку месеци подоцна, за време на големите улични немири, откако тинејџер беше убиен од полицајци во Атина. „Сириза“, која тогаш беше обвинета за поддршка и организирање на протестите, имаше 4,6 отсто гласови на парламентарните избори во 2009 година.

– Ние бевме единствената сила, која го штитеше правото на протест на младите и ја плативме цената за тоа“, рече Ципрас.

Избувнувањето на кризата со долгот во 2010 година, и годините на економски застој, кои следеа, значително го зголемија бројот на приврзаници и симпатизери на радикалната левица и на нејзиниот лидер, кој ја осудува „хуманитарната криза“, создадена од драстичните мерки за економијата, наложени од кредиторите на земјата – Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.

За само три години, изборниот резултат на „Сириза“ се зголеми за дури пет пати. Партијата која беше втора на парламентарните избори во 2012 година, веднаш зад „Нова Демократија“ на Андонис Самарас, стана првопласирана на европските избори, лани. Токму по тие избори, на кои Ципрас беше водач на листата на европската левица, тој го опипа својот меѓународен имиџ: поттикнат со чувствителниот напредок на англискиот јазик, Ципрас ги активизира своите посети во странство. Имаше средби со првиот човек на Европската централна банка, Марио Драги, со германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, кој е цврст заштитник на буџетската дисциплина, и со папата Франциск.

Негов приоритет е предоговарање со ЕУ и со ММФ, и тоа во голем дел од државниот долг на Грција, кој моментно изнесува 175 отсто од БДП-то на земјата, и тоа за да стави крај острите мерки за економијата, кои ги вознемирија кредиторите и пазарите.

Ципрас значително си го изглади говорот, но изгледа непопустлив во компромис за една работа:

„Ако не сте ме виделе досега да носам вратоврска, малко возможно е тоа да се случи“, вели тој.

Во однос на својот личен живот,пак, Ципрас е многу дискретен.