АНАЛИЗА: Коалиција од погрешни сојузници

Храбриот чекор на американскиот претседател Барак Обама, да предводи коалиција од држави, кои ќе ја нападнат, распаднат и поразат организацијата „Исламска држава“ во Сирија и во Ирак, и тоа преку комбинација на воени и политички средства е извонреден и принципиелен, но најверојатно ќе се судри со сериозни и тешки проблеми, пишува „Хафингтон Пост“, пренесува Нетпрес.

Стратегијата од вмешувањето на странска воена сила и локално партнерство на арапските влади, кое треба да креира успешно уништување на „Исламска држава“, е истата онаа комбинација од сили, која ја создаде „Ал Каеда“ во текот на 80-те години, терористичка организација од која во денешно време произлезе и „Исламска држава“.

САД и нивните партнери на блискиот Исток се исправени пред две сериозни дилеми, кои воопшто немаат лесно решение.

Прво

Комбинацијата од американски милитаризам и блискоисточни (воглавно арапски) деспотски режими може секако да и’ застане на патот на „Исламска држава“ и да ја заплаши, но за кусо време. На долгорочен план, пак, како што покажува современата историја, поверојатно е дека ќе се создаде нова, поопасна, погневна и поширокораспространета група од екстремисти и терористи.

Второ

Нема лесен начин и малку се другите опции на краткорочен план, за спречување на „Исламска држава“, пред таа организација да се прошири уште повеќе и да создаде уште повеќе проблеми во регионот. По се’ изгледа сега нема алтернатива освен да се повтори спорниот пример од последните 20 години на војна со „Ал Каеда“ и нејзините приврзаници.

Најголемата слабост во коалицијата на Обама се арапските сојузници, сите кои се од деспотски држави и кои споделуваат неколку непријатни карактеристики.

Највознемирувачки симболи на тоа колку им е тешко на арапските режими да се борат со „Исламска држава“ и другите слични феномени, се арапските затвори во текот на 80-те и 90-те години, кои всушност беа инкубатори за многу нови членови и лидери на „Ал Каеда“.

Примери за ова се: Ајман ал Завахири од Египет, кој беше вториот човек на „Ал Каеда“, а потоа го наследи кормилото на оваа организација по ликвидацијата на Осама бин Ладен; Абу Мусаб ал Заркави од Јордан, кој замина за Ирак откако коалицијата предводена од САД го собори режимот на Садам Хусеин, и ја креираше „Ал Каеда Месопотамија“, од чии редови потоа се создаде „Исламска држава“.