Анализи

АНАЛИЗА: Кој град е главната цел на „Исламска држава“?

АНАЛИЗА: Кој град е главната цел на „Исламска држава“?

Истиот број на градови го држи под своја котнрола групата „Исламска држава“, исто како и пред два месеци, кога САД и сојузниците ги почнаа воздушните напади врз нејзините позиции. Нападите стартуваа со цел уништување на армијата на терористите и поддршка за ирачките копнени сили, кои се обидуваат да си ги вратат под своја контрола изгубените територии, пишува „Вашингтон Тајмс“, пренесува Нетпрес.

Уште посомнително, според аналитичарите, е тоа што „Исламска држава“ презема дејствија, кои изгледаат како воени операции со крајна цел освојување на Багдад. Најверојатно целта на групата е да го преземе под своја контрола меѓународниот аеродром во ирачката престолнина и да почне да го освојува градот сектор по сектор. „Исламска држава“, во меѓувреме, продолжува со нападите во разни градови во регионот, со возила со експлозив, а некои од тие беа извршени од странски државјани.

Пентагон не е многу сигурен дали ирачките сили за безбедност ќе успеат да го заштитат Багдад, а новиот портпарол не сакаше да каже свое предвидување дали градот ќе остане под контрола на државата.

Двомесечната воздушна кампања може да биде анализирана на два начина. Од една страна, нападите на коалицијата предводена од САД, го намалија и во некои случаи дури и успеаа да го запрат напредувањето на „Исламска држава“. Но, од друга страна тие и не направија којзнае колку за крајната цел – да се ослабне обрачот на теористите околу Мосул, Тал Афар, Фалуџа и уште десетина градови во северен и во западен Ирак.

Групата „Исламска држава“ завзема големи територии во Ирак и во Сирија, кои дури си ги прогласи и за калифат. Според американски воен ветеран од Ирачката војна, бомбардирањата не ја постигнуваат својата цел.

– Сметам дека бомбардирањата имаат две стратешки цели. Прво да се освои и да се стави под контрола државната граница на Ирак, а второ да се елиминира „Исламска држава“, која е закана за суверенитетот на земјата. Но, досега, воздушните напади не направија буквално ништо за остварување на овие две цели, вели пензионираниот генерал Џејмс Дјубик, кој бил одговорен за обуката на ирачките сили за време на воената кампања во 2007 година.

За разлика од него, други сметаат дека има и позитивни страни од воздушните удари.

– Забавувањето на освојувањата на „Исламска држава“ покажува дека сме успеале во својата прва и полесна задача. Потешката задача е враќањето на територијата од рацете на џихадистите. Воздушните сили неможат и нема да го напарават тоа, изјавил Мајкл О’Ханлон, воен аналитичар од Институтот „Брукингс“.

„Исламска држава“, од август годинава, држи под своја контрола 14 ирачки града, плус браната кај Мосул, која сепак подоцна беше преземена од коалициските сили. Последната мапа од регионот покажува дека терористичката група контролира 13 градови. Неколку села источно од Мосул, пак, во изминативе два месеци, не се повеќе под контрола на „Исламска држава“, и се „ничија територија“, што за двомесечни бомбардирања и не е некој особен успех.

Главната цел на терористичката група е Багдад. Ако САД започнат да го евакуираат својот персонал од ирачката престолнина, тоа значи дека градот станува бојно поле и би претставувала Пи-Ар победа за „Исламска држава“ и нејзините жестоки и убиствени методи.

Дјубик, кој сега е аналитичар на Иснтитутот за проучување на војната, изразува сомнеж од тоа дека „Исламска држава“ подготвува инвазија преку систематски напади врз ирачките сили.

– Не мислам дека има непосредна опасност дека делови од Багдад ќе бидат преземени. Мислам дека тие се обидуваат да подготват погодни услови и потоа ќе се обидат да тргнат кон преземање на делови од главниот град на Ирак. Главен проблем се ирачките сили, кои мислам дека нема да можат да се справат толку добро и ефикасно, колку што ние очекуваме, вели тој.

Според Џон Кирби, портпарол на Министерството за одбрана на САД, воздушните напади се дел од пообемен план за уништување на „Исламска држава“. Една од непосредните последици е тоа што џихадиститие од терористичката група повеќе неможат слободно да се движат низ територијата на Ирак, како што тоа беше случај во јуни и во јули, годинава, кога од Сирија постојано и непречено влегуваа на ирачка територија и освојуваа градови.

– Пред воздушните напади, тие буквално царуваа слободно. Сега ја немаат повеќе таа слобода, бидејќи знаат дека ги следиме од воздушно. Сега се распрснати. Претходно, на некои места, беа поцврсто структуирани и дејствуваа дури и како армија. Не сметаме дека може да се наречат армија, но сепак видовме некаква воена организација и милитантна способност која ја развиле, дополнил Кирби.