АНАЛИЗА: Манчестерскиот бомбаш „волк самотник“, наследник на семејна милитантност или член на опасна терористичка ќелија

Хашем Абеди, © Ahmed Bin Salman, Special Deterrent Force via AP

Хашем Абеди, и Рамадан Абеди, помладиот брат и таткото на бомбашот самоубиец кој во понеделникот ноќта во Манчестер уби 22 луѓе, е уапсен во средата во Либија, а британската полиција трга по помагачите кои на атентаторот му помогнале да ја направи експлозивната направа и кои можеби се подготвени за нов смртоносен напад.

Силите познати како Рада го уапсиле во вторникот ноќта во либиската престолнина Трополи 20-годишниот Хашем Абеди, пренесува агенцијата Reuters цитирајќи го портпаролот на споменатата милиција. Портпаролот Ахмед Бин Салем рекол дека Хашем бил во контакт со својот брат самоубиец, 22-годишниот Салман Абеди.

„Имаме докази дека бил вмешан во Даеш (арапска кратенка за поранешниот назив на Исламската држава во Ирак и Шам/Медитеранот – ISIS –з.р.) со својот брат. Го следевме подолго од месец и пол“, изјавил Салем и додал дека „бил во контат со братот и знаел за нападот“.

Следниот напад е неминовен?!

Додека британската полиција настојува да добие што подобар увид во биографијата на Салман Абеди, роден во Велика Британија, премиерката Тереза Меј се сретна со безбедносните функционери кои навеле дека проценуваат оти е потребно да се подигне нивото на тревога од напад на „критично“, што означува дека новиот напад е речиси неминовен.

Составен дел од ваквата безбедносна процена е стравувањето дека Абеди можел да работи со поширока мрежа напаѓачи кои можеби имаат врска со милитантни групи способни за планирање и извршување самоубиствени напади.

Разузнавачките служби наведуваат дека неодамна престојувал во Либија, но има информации и дека се поврзал со Исламската држава и оти минал низ Сирија, како што изјави во средата новиот француски министер за внатрешни работи Жерар Коломб.

„Прашањето е дали дејствувал сам или бил дел од мрежа којашто сака да убива. На тоа се насочува истрагата. Се стравува дека можеби постојат и други кои му помогнале да ја изработи бомбата. Изработката на бомба од овој вид бара одреден степен на знаење и компетентност“, рекол за Reuters извор близок истрага под услов да остане анонимен.

Американски разузнавачки извор на телевизијата NBC News претходно изјави дека Абеди патувал неодамна во Либија каде што најверојатно минал обука, како и во други земји, и оти е поврзан со терористичката мрежа Ал Каеда. Исто така, изразил стравување дека Абеди е дел од поширока терористичка ќелија, имајќи предвид дека експлозивната направа што ја активирал била голема и сложена, и направена од материјали кои се тешко достапни во Британија, што укажува на тоа дека имал помош.

Полицијата трага по мрежата

Началникот на полицијата во Манчестер, Иан Хопкинс изјави за новинарите дека сосема е јасно оти полицијата го истражува она што тој го нарекол „мрежа“, но доби да даде какви и да се дополнителни поединости поврзани со истрагата.

Полицијата досега објави дека уапсила четири лица, како и дека силите на специјалната полицијата извршиле рација во домот на Абеди 12 часа по нападот, откако бил препознае по кредитната картичка најдена на местото на експлозијата и со технологијата за препознавање на лицето. Притоа е уапсен уште еден негов брат, Исмаил Абеди.

Британските безбедносни служби сега настојуваат да истражи како Абеди, високо слабичко момче, син на побожен муслиман кој бил противник на поранешниот либиски водач Моамер ел Гадафи, се претворил во убиец.

Абеди е роден во Манчестер 1994 година, а израснал во Велика Британија. Неговите родители емигрирале од Либија во Лондон, па потоа се преселиле во квартот Фалоуфилд, во јужен Манчестер, каде што живееле најмалку десет години.

Британската министерка за внатрешни работи Ембер Рад изјави дека Абеди неодамна се вратил од Либија, а весникот Times објави повикувајќи се на пријатели на осомничениот дека негови блиски ги предупредиле британските безбедносни служби дека тој претставува опасност и оти веројатно престојувал и во Сирија.

Од син до убиец

Според истражувачкиот институт Kalam, кој има канцеларија и во Триполи, таткото на убиецот, Рамадан Абди, попознат како Абу Исмаил, дошол во 1992 година од Саудиска Арабија во Лондон и во 1994 година ѝ се придружил на исламистичка либиска милитантна групација. Во 2008 година, на оваа група на којашто ѝ припаѓал Рамадан Абеди биле симнати обвинувањата за тероризам, по што тој се вратил во Триполи, а постарите синови ги оставил во Британија.

Таткото на Абеди и постариот брат Исмаил биле многу активни во џамијата Дисбари во јужен Манчестер, рекол проповедникот и повереник за оваа џамија Фавзи Хафтар. Абу Исмаил повикувал на молитва, додека неговиот син Исмаил работел како волонтер, додал Хафтар.

„Тој (Абу Исмаил) беше многу приврзен, колку што ми е познато“, изјавил Хафтар, додавајќи дека таткото на Салман Абеди веќе извесен период е во Либија.

Портпаролот на споменатата џамија, Абдала Јусеф рекол дека таткото и другите членови на семејството заминале во Либија во 2011 година кога беше соборен Гадафи, оставајќи ги Британија двата сина. Американските тајни служби наведуваат дека Абеди има сестра Џомана, но за третиот син досега не се зборувало.

Таткото негира дека синот учествувал во нападот

Абеди во јужен Манчестер одел во училиштето за момчиња Барнаџ во периодот од 2009 до 2011 година, потврди училиштето. Бил навивач на Манчестер Јунајтед.

„Отсекогаш имаше некои проблеми со однесувањето“, изјавил за весникот Daily Mail, Леон Хол кој одел со Абеди во училиштето и додал „Не можам да кажам дека го сакав“,

По завршувањето на училиштето, Абеди во 2014 година започнал да посетува курс за деловно работење и менаџмент на блискиот универзитет во Салфорд.

Сосед на Абеди кои живее во зградата наспроти неговата, 52-годишниот Алан Кинсеј рекол дека мисли оти последните седум-осум месеци таму живеел само еден човек, за кој рекол дека секогаш бил облечен во традиционална бела исламска облека.

Некои американски и британски медиуми пишуваат дека таткото на Абеди, за кој агенцијата Bloomberg објави дека исто така е уапсен во Триполи, бил припадник на Ал Каеда, и ја премесуваат неговата изјава од Триполи во којашто тој ги негира врските на неговиот син со бомбашкиот напад и тврди дека неговото семејство не е такво „којашто себе ќе се разнесе меѓу невини“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.