АНАЛИЗА: Ниските цени на нафтата ја нокаутираа и обезвреднија рубљата

Вредноста на руската валута рубља нагло се намали во петокот наутро, паѓајќи на речиси 50 рубљи за еден американски долар, откако ОПЕК одби да го намали нивото на производство на нафта, што беше причина за нов пад на вредноста на црното злато.

Руската валута достигна 49.90 рубљи за еден долар, продолжувајќи го трендот на намалување, кој трае веќе десетина денови. Со тоа многу се зголемува веројатноста од вмешување на руската централна банка за стабилизирање на пазарот.

Рубљата, која се наоѓа на рекордно ниско ниво, изгуби околу 10 отсто од својата вредност, во однос на американскиот долар, и тоа само во изминативе седум денови.

ОПЕК, во четвртокот, објави дека нема да го намали производството на нафта и да го запре падот на цените на црното злато, иако во моментов еден барел на берзите се продава за само 72 долари. Во петокот наутро цената на нафтата беше околу 71.70 долари, а летово пак еден барел изнесуваше 115 долари.

Околу половината од буџетот на Русија зависи од извозот на енергетскиот сектор, поради што падот на цените има забрзан негативен ефект врз руската валута и врз цените на акциите на руските компании.

Рубљата, за само една година, веќе изгуби над 30 отсто од својата вредност во однос на доларот, пред се’ поради намалувањето на цените на нафтата, но и поради санкциите на Западот, предизвикани од украинската криза.

Централната банка на Русија, на почетокот на месецов, спроведе слободен т.н. „лебдечки“ девизниот курс. Од почетокот на годинава, пак, пушти во оптек повеќе од 70 милијарди долари, како одбрана на вредноста на рубљата. Сега е исто така многу веројатно дека повторно ќе се вмеша на девизниот пазар, за да се заштити од финансиска нестабилност.

– Клучот лежи во ставот на централната руска банка и што таа ќе процени дека е нужно за неа за да се вмеша. Намалувањето на цените на нафтата се оправдување за слабата рубља. Сепак, темпото на обезвреднување на рубљата, и општественото поведение се нештата, кои очекуваме да влијаат на нејзините одлуки, коментира главниот девизен стратег на „Сбербанк“, Том Левинсон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.