АНАЛИЗА: Новиот клуб на пријатели на „Гаспром“

Во Европа се формира нова коалиција на пријатели на „Гаспром“. Откако притисокот од страна на САД и на ЕУ доведе до пропаѓање на проектот „Јужен поток“, потенцијалните учесници во алтернативниот „Турски тек“ – Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Турција, одлучија навреме да ги зацврстат своите позиции, пишува рускиот весник „Комерсант“, пренесува Нетпрес.

На ова друштво најверојатно ќе му се придружи и Австрија. Ниту еден проект на „Гаспром“ досега не почнал во сличен, политички формат. Ситуацијата се усложнува од фактот дека сите учесници во новиот „клуб“ се обидуваат да водат политика независна од Брисел и во однос на други прашања. Од своја страна, ЕК веќе подготвува механизми за блокирање на непожелните проекти за гас.

Пред извесно време се одржа средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Турција, на која беше разгледано учеството на овие земји во проектот на „Гаспром“ наречен „Турски тек“. Унгарското министерство за надворешни работи соопшти дека на средбата, како набљудувач, учествувал и претставник на Европската комисија (ЕК). По разговорите потпишана е декларација за енергетска соработка, со цел создавање на „економски мотивирани патишта за диверзификација на маршрутите и изворите“ при доставката на природен гас од Турција кон европските земји.

Со тоа, државите од „клубот“, всушност ја потврдија својата желба да учествуваат во проектот со маршрута, која Владимир Путин ја објави за време на својата посета на Унгарија во февруари, годинава – од Русија, по дното на Црното море, па преку Турција, низ Грција, Македонија, Србија и Унгарија, се’ до австрискиот центар за распределување наречен „Баумгартен“. Проектот се појави како алтернатива на гасоводот „Јужен тек“, откако „Гаспром“ се откажа од него во декември, лани, поради противењето на ЕК. Со поддршка на САД, Европската комисија направи голем притисок врз земјите учеснички во проектот. Поконкретно најизложена на притисоци беше Бугарија, чија улога сега во новиот проект ќе ја игра Турција. Секоја земја и „заинтересирана компанија“, ќе ги разгледа одделно конкретните прашања за своето учество во новиот проект на „Гаспром“.

Унгарското мининстерство за надворешни работи објасни дека претставниците на петте земји се договориле да одржуваат редовни средби и да оформат експертска група за развој на гасоводната инфраструктура. Групата ќе се занимава со прашања како финансирањето, цената и изворите на гас, како и пристапот на трети страни до проектот. Следната средба на ниво на министри е планирана за во јули, годинава, но индивидуалните преговори ќе почнат порано и прва земја која ќе ги има е Грција. Минатата недела, грчкиот премиер Алексис Ципрас беше во посета на Москва и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.

Ако земјите успеат да се договорат за изградбата на копнениот дел од „Турски тек“, тогаш „Гаспром“ може да си го реши прашањето со заобиколување на Украина за доставка на гас на Европа, и тоа без да ги промени радикално постоечките спогодби со корисниците. Прашањето не е само во трговските договори – специјалните односи со земјите членки на ЕУ, Унгарија и Грција, и кандидатите за членство, Македонија, Србија и Турција се особено важни за Русија во екот на остриот конфликт со Западот, бидејќи овие земји се обидуваат да водат политика независна од Брисел и во други сфери, различни од доставките на руски гас. Кон поддржувачите на „Турски тек“ многу веројатно е дека ќе се приклучи и Австрија, особено ако се има во предвид дека многу скоро Рајнер Зеле, кој во изминатите години го управуваше „Wintershall“ и важи за голем пријател на Русија и на „Гаспром“, застана на чело на австриската компанија за нафта и гас ОМВ.

Еден од основните проблеми, кои треба да го реши новата коалиција, е финансирањето на „Турски тек“. Логиката на работа во рамките на „Јужен поток“ беше следната – руската компанија го гради гасоводот, привлекува инвестиции и самата управува со него. Но, сега пристапот на „Гаспром“ до западните финансиски извори е многу отежнат, а законодавството на ЕУ не им дозволува на компаниите истовремено да се сопственици на инфраструктурата и да доставуваат преку неа сопствен гас.

„Гаспром“ не може да земе учество во изградбата на новиот гасовод низ Балканот и централна Европа, и тоа поради истите оние причини, кои го попречија „Јужен поток“, тврди Џонатан Стерн од Оксфордскиот институт за енергетски истражувања.

Затоа, според непотврдени информации, руската компанија разгледува можност да оформи европски конзорциум, кој ќе треба да се занимава со изградба на гасоводот, а најверојатно и со привлекување на европски пари.

– Во врска со создавањето на „Фондот Јункер“, во владите на земјите од централна и од источна Европа, се гледа еден засилен апетит кон инвестициите во инфраструктурата, изјавил европски дипломатски извор.

Засега конзорциумот е само идеја, а ЕК веројатно ќе биде против проекти, кои се наменети само за рускиот гас. Моментно во рамките на создавањето на енергетскиот сојуз, ЕК подготвува нови закони и механизми, кои ќе и’ дадат можност да го блокира склучувањето на меѓудржавни спогодби и трговски договори, ако тие бидат оценети како закана за енергетската сигурност и на Европската унија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.