АНАЛИЗА: Пјонгјанг покажа дека западните сојузници на Пацификот не се безбедни

Новото севернокорејско лансирање на ракета којашто ја прелета Јапонија демонстрираше дека нејзините проектили може да ја достигнат американската пацифичка територија Гуам, но и дека ниеден од сојузниците на Соединетите држави во регионот не е целосно безбеден од ракетен или ограничен нуклеарен напад од Пјонгјанг.

Ѕвецкањето со оружје меѓу американскиот претседател Донадл Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун кулминираше со заканата на Пјонгјанг за напад врз Гуам, американска територија во Тихиот Океан, на која се сместени воздухопловна и военопоморска база. Но воената реторика беше ублажена последните денови, откако Ким го одложи спроведувањето на веќе подготвениот план за истрелување проектили кон американскиот остров и изјавите на челниците во Вашингтон кои влејаа надежи во можно надминување на воената тензија.

Меѓутоа, веќе на почетокот од седмицава Северна Кореја изненадувачки лансираше ракета којашто предизвика узбуна во регионот откако проектилот истрелан од областа Сунан близу Пјонгјанг го прелета североистокот на Јапонија. Ракетата прелета повеќе од 2.700 километри и падна во Тихиот Океан на 1.180 киломери од јапонскиот остров Хокаидо. Максималнатата височина којашто ја достигнал балистичкиот проектил изнесувала 550 километри.

 

Пјонгјанг покажува дека не блефира

Со новото лансирање очигледно е дека Северна Кореја сака да покаже дека не блефирала заканувајќи се со нападот врз Гуам, што е всушност порака до американските сојузници во регионот дека нивните територии се во дострелот на севернокорејските балистички проектили. Летот на последниот проектил од околу 3.000 километри тоа многу јасно го покажува. Но Пјонгјанг овојпат се реши директно да не го провоцира Вашингтон и затоа ја лансираше ракетата во спротивна насока, но давајќи до знаење дека доколку е потребно нејзините проектили лесно ќе достигнат до секоја цел во регионот којашто ја сметаат за закана по нејзината безбедност, во прв ред поради сојузништвото со САД.

Имајќи ги предвид неодамна демонстративно објавените снимки на коишто лидерот Ким во воената академија го следи развојот на новиот тип ракети, јасно е дека Северна Кореја е решена да ја заврши работата на создавање целосен ракетно-нуклеарен потенцијал, со кој би имала значаен адут во преговорите со САД и нивните сојузници. Во Пјонгјанг очигледно сметаат дека доколку станат во можност да нанесат сигурен удар врз континенталниот дел од САД, Вашингтон нема да се осмели да влезе во директен конфликт.

Јасно е дека САД во еден ваков ограничен стратешки судир би биле далеку посупериорни и, во крајна линија, катаклизмичниот судир би го решиле во своја полза, па оттаму Северна Кореја смета дека ваквата стратегија е единствената гаранција за нејзината безбедност. Поради тоа, најверојатно, дијалогот вистински би започнал дури откако Пјонјганг целосно ќе ја заокружи својата ракетна и нуклеарна програма.

 

Сеул стравува, Јапонија бара заштита

Јужна Кореја, која стравува од судир со Северот во кој би претрпела огромни загуби, повеќепати повтори дека никаква американска или сојузничка воена операција не може да започне без нејзино одобрување. Тоа јасно покажува дека во Сеул се многу свесни оти ниту најсовемениот антиракетен американски систем, ниту нејзиниот скап одбранбен комплекс не ја гарантира сигурноста од севернокорејските прокетили. Постои, како што изјави главниот стратег на Белата куќа, Стив Бенон, нерешената равенка „која ќе покаже дека 10 милиони луѓе во Сеул нема да загинат во првите 30 минути од употребата на конвеционано оружје“ и поради тоа не може да се разговара за постоење воено решение.

САД отворено развиваат сигурни воени опции, но истакнуваат дека во прв ред ќе работат на постигнување мировен договор. Инаку, во спротивно, без разлика на крајниот исход од евентуалниот судир со Северна Кореја, разорувањата коишто бездруго би ги претрпеле регионалните сојузници на Вашингтон, инаку едни од индустриски и економски супериорни на Пацификот, сигурно ќе предизвика тамошни реакции и барања за преиспитување на стратешкот партнерство со САД коешто всушност ги прави само потенцијални цели на противничкиот, во случајов, севернокорејски смртоносен арсенал. Покрај тоа, треба да се има предвид и присутноста на Кина, единствената сојузничка на Северна Кореја, и нејзиниот политички и одбранбен потенцијал, во услови кога Пекинг ќе почуствува загрозување на сопствените интереси.

Оттаму новиот јужнокорејски претседател Мун Јаи-ин ја смирува домашната јавност дека се согласил со американската страна дека никаква воена акција против Пјонгјанг нема да биде преземена без претходни консултации со Сеул. „Можам со сигурност да кажам дека никогаш повеќе нема да има војна на Корејскиот полуостров“, рече Мун.

Јапонија, којашто САД се обврзаа да ја штитат, побара распоредување на противракетен систем и на нејзиното копно. Јапонските министри за тоа треба да разговараат со американските функционери.

Јапонија постави четири пресетнувачи на ракети во западниот дел од земјата во саботата, откако Пјогнјанг предупреди дека неговите ракети на патот кон Гуам ќе ги минат јапонските префектури Шиманeo, Хирошима и Кочи, како и соседната Ехима. Таму пред две седмици јапонската влада гo распореди противракетен систем „Patriot Advanced Capability 3“ (PAC-3).

По објавата на Северна Кореја за можен ракетен напад врз Гуам, овие градови би можеле да се најдат на траекторијата на севернокорејските проектили. Телевизиските снимки прикажуваат воени возила кои во мугрите пренесуваат лансирни рампи и други елементи од противракетниот систем во воена база во Кочи. Јапонската влада објави претходно дека има намера да ги собори севернокорејските ракети кои евентуално би претставувале закана за јапонската територија, но во вторникот утрото се откажа од таквата идеја.

Јужна Кореја веднаш веќе во вторникот изведе теренски вежби за бомбрдирање со еднотонската бомба „МК-84“. Притоа на полигонот Таебек биле клучени четири борбени авиони F-Ф1K“, кои симулирале бомбардирање со осум бомби. Но аналитилачарите го поставуваа прашањето дали тоа ќе биде доволно да се оневозможи севернокорејскиот ракетен систем, како и дали ќе може да биде надмината нејзината противвоздушна одбрана.

Јужнокорејската армија, исто така, веднаш по последното лансирање од Пјонгјанг, објави видео материјали од тестирањето на нејзините балистички проектили. Во видеото се прикажани лансирањето на проектилите со дострел од 500 до 800 километри во море кое се случило на 24 август.

Покрај тоа, Сеул објави дека САД по вторникот разгледуваат разместување на „стратешки“ одбранбени средства на Јужна Кореја.

 

Доволен ли е американскиот THAAD

Aмериканскиот противракетен систем THAAD на почетокот од мај годинава беше разместен во Јужна Кореја и е подготвен за пресретнување проектили. Седмица претходно јужнокорејската команда објави дека првата опрема за инсталирање на системот THAAD е доставена на одредената локација. Министерството за одбрана на Јужна Кореја истакна дека целосното инсталирање на системот ќе заврши до крајот на одината. Во меѓувреме командантот на американската Пацифичка команда, адмиралот Хари Харис изјави дека системот ќе биде ставен во функција веќе следните денови.

Според медиумските извештаи, батеријата стационирана во Јужна Кореја ќе има четири до девет мобилни гасенични системи, од кои секоја е наменета за осум ракетни пресретнувачи, иако официјалните податоци сé уште не се објавени. Системот ќе биде опремен со противракетниот радар TPY-2 TM. Според наведеното, радиусот на дејствијата на одбранбените проектили не надминува 200 километри.

Поставувањето на елементи од глобалниот систем на американска противракетна одбрана во регионот може да предизвика трка во вооружување во североисточна Азија и уште повеќе да го компликува решавањето на нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров, а поглобално гледано, таа мерка би можела да го зајакне разорното влијание на американскиот глобален систем за противракетна одбрана врз меѓународната безбедност и стабилност.

Кина на крајот од септември минатата 2016 година ги повика САД и Јужна Кореја сериозно да ја сфатат нејзината загриженост од можноста американскиот високотехнолошки противракетен систем ТHAAD (Therminal High Altitude Area Defense), да биде разместен во регионот и ги повикаа да се откажат од таа идеја.

Администрацијата на претходниот американски претседател Барак Обама лани објави дека ракетниот одбранбен систем THAAD ќе биде разместен во Јужна Кореја, за пресретнување на балистичките проектили од Северна Кореја, на територијата на голф-клубот во округот Сонџу во источната покраина Кенсан-Пукто.

Пекинг оттогаш повеќепати ги повика САД и Јужна Кореја „да вложат значителен придонес за мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров, сериозно да се однесуваат кон загриженоста на другите земји во регионот, вклучително и Кина и, исто така, веднаш да го запрат процесот за разместување на системот THAAD“.

Кинеските власти истакнуваат дека распредувањето на THAAD во Јужна Кореја не помага во напорите за денуклеаризација на Корејскиот полуостров, поддршката на мирот и стабилноста во регионот, и притоа нагласуваат дека поставувањето на системот влијае врз стратешки интереси во регионот, како и дека ќе преземат мерки за заштита на националните безбедносни интереси на земјата и за поддршка на регионалниот стратешки баланс.

Русија уште во февруари 2016 година, исто така, предупреди на многу можна трка во вооружување на Корејскиот полуостров, имајќи ја предвид подготвеноста на САД таму да го распоредат својот противракетен систем ТHAAD, како реакција на севернокорејските лансирања на балистички проектил.

Во јули 2016-та, по пет месеци преговори, Вашингтон и Сеул постигнаа согласност за разместување на системот THAAD, кој се смета за еден од најнапредните во светот, и кој треба да интервенира во случај на истрелување на балистички ракети од страна на Северна Кореја.

Системот THAAD истрелува ракети кои се дизајнирани да пресретнат и уништат балистички проектили додека се уште надвор од атмосферата или само што влегле во неа, во текот на последната фаза од нивниот лет. Овој антибалистички систем истрелува ракети осмислени да пресретнат и уништат балистички ракети во завршната фаза од нивната траекторија. Американците почнаа да го поставуваат на различни точки во 2008 година.