АНАЛИЗА: Полската „културна контрареволуција“ во ЕУ

Проектот наречен „европска интеграција“ првично подразбираше дека ќе се интегрираат еднаквите земји, во прв ред во однос на економската структура, правосудниот и системот на вредностите. И досега, бидејќи европските интеграции ги зачуваа овие правила, не се појавуваа некои особени внатрешни конфликти во Европската унија. Сепак, привичните принципи беа нарушени со присоединувањето на географски сепак европските, но ментално и вредносно далеку од Западот десетината источноевропски посткомунистички земји. И во моментов Европа, како што сметаат некои аналитичари, ги бере плодовите од оваа грешка, откако погрешното толкување на некои од регулаторните членови од договорот за ЕУ стана причина за сериозна криза во рамките на самата европска организација.

Полските правила

Европската комисија во саботата објави дека ја започнува постапката за преиспитување на законот судовите за кои смета дека ја поткопуваат автономијата на полското правосудство, како и оти содржат редица дискриминаторски одредби. Откако власта во Варшава повеќепати се оглуши да ги преиспита своите одлуки и најави дека станува збор за нејзина внатрешна практика којашто треба да ја реформира повластената судска „каста“ склона кон корупција. Притоа, може да се земе примерот на Велика Британија, кога оваа земја не се согласуваше политиките на Европската унија и цивилизирано поднесе барање за раздружување. Но и, исто така, многу доброто разбирање и прифаќањето на последиците од ваквиот чекор на Лондон, на пример во вид на таканаречениот „тврд Брегзит“ кој ѝ го ветува ЕУ. Во крајна линија, во Лондон би се согласиле со делумно членство, но на крајот се согласија со ставот на Европската комисија дека ЕУ не е „шведска маса“ каде што може да се избира нешто затоа што некој ужива само во тоа.

polska protesti 04

Сепак, кај „новите Европејци“ (источните), во прв ред Полска, преовладуваат поинакви позиции. Тие категорички не се согласуваат со продлабочувањето на интеграциите, коишто ќе подразбираат и намалување на националниот суверенитет, а исто така и со редица ставови на Брисел, на пример, прашањето за распределбата по квоти на бегалците во сите ЕУ-земји. Бидејќи тие немаат инструменти за да ја променат таквата политика, тогаш, се чини, им преостануваат само две опции: да прифатат или да отфрлат. Полјаците, сепак, како нови Европејци, не се оптоварени со западните вредности и излишната одговорност, па ја избраа третата варијанта: да прават што сакаат, но притоа да не излегуваат од составот на ЕУ и да продолжат да ги користат сите придобивки од членството на сега 27-члениот блок.

Точно тоа е причината што официјална Варшава практично се побуни, што некои аналитичари во Полска и во Европа веќе го нарекоа „културна контрареволуција“, бидејќи Полска стана бастион за спроведување на конзервативно национално ориентирана политика на либералната наднационална Унија. Полјаците одбија да ги примат бегалците, усвоија низа закони за заострување на државната контрола над медиумите, коишто според некои активисти на власта биле премногу либерални.

Последниот чекор на ваквата полска практика беа реформите во судскиот систем, во рамките на коишто владејачката партија Право и справедливост (PiS), фактички, ја добива контролата и врз судовите. Особено, правото преку парламентот да назначува судии во Врховниот суд, во моментов со тоа се занимаваат самите 83 члена на судскиот совет и на Врховниот суд. Покрај тоа, министерот за правда Збигњев Зебро ја презема контролата врз низата пониски судски истанци. Според самиот министер, владејачката партија има право да ја зајакне контролата над судскиот систем, бидејќи „Полска е демократија, а не судократија“.

Виртуелната казна и едногласноста

Се разбира, Европската унија на крајот по низата предупредувања и реагираше. „Европската комисија има намера да го заштити владеењето на правот во сите земји членки, бидејќи тоа е едно од фундаменталните начела врз кои почива Европската унија“, изјави нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер. Според челникот на Европската народна партија (EPP) во Европскиот парламент, Манфред Вебер, полската влада „го отфрла принципот на владеењето на правото и демократијата во Полска, а исто така излегува од заедницата земји коишто се придржуваат до европските вредности“. Во саботата на Полска ѝ беше даден рок од еден месец да ги коригира и да ги послуша советите, инаку во спротивно, а доколку биде разрешен и еден судија, на Полјаците им се закануваат санкции, што ќе претставува преседан во историјата на ЕУ.

evropsska komisija

Посебно Јункер и потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, многу јасно дадоа до знаење дека членот 7 од Договорот за Европската унија гласи дека „Советот на Европа, дејствувајќи едногласно по предлог на една третина од земјите членки или на Европската комисија и по одобрувањето на Европскиот парламент, може да констатира постоење на сериозна и постојана повреда од страна на која и да е земја членка на вредностите наведени во членот 2“. Како во членот 2 се содржат и такви поими како „уважување на демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права“, тоа би значело дека Полска веќе прави нарушување на овој член од европскиот договор.

Како резултат на сослушувањето на земјата којашто е предмет на ваквите обвинувања, Советот „со квалификувано мнозинство може да донесе решение за суспендирањето на одредени права кои произлегуваат од премената на Договорот на засегнатата земја членка, вклучително и правото на глас на претставниците на владата на таа земја членка во Советот“.

Сепак, тука ќе постои еден сериозен проблем, кој се состои токму во терминот „едногласно“. Едногласност, според сѐ судејќи, нема да има, бидејќи Полјаците не се единствените во овој „бунт“. „Јас јасно ставам до знаење дека Унгарија ќе ги следи своите национални интереси“, изјави минатата седмица унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Инквизиторската кампања против Полска нема да биде успешна, бидејќи Унгарија ќе го искористи сите правни можности во Европската унија за да ја покаже солидарноста со Полјаците“, додаде Орбан.

Солидарноста покажува дека унгарскиот премиер има многу добар усет и оти е свесен дека тој е на ред откако ќе биде решен проблемот со Полска. Имено Европската комисија започна да размислува за санкциите кон Варшава откако беше силно критикувана за преблагиот однос кога пред неколку години партијата на Орбан носеше закони со кои беше оценето дека ја укинува автономијата на централната банка, на медиумите, а последните месеци и за контроверзниот закон со кој им се одзема лиценцата на странските образовни институции во Унгарија кои немаат кампуси во сопствената земја, што во прв ред се однесува на универзитетот финансиран од американскиот берзански шпекулант од унгарско потекло Џорџ Сорос, што предизвика реакција на активистите на редицата ткн невладини организации во Европа.

Надежите на ЕУ се самите Полјаци

Поради погоре споменатото, надежите на Европската унија се сега самите Полјаци, и покрај изјавата на вицепремиерот Матеуш Моравецки, дека повеќе од 80 отсто од граѓаните ги поддржуваат реформите, што е многу повеќе од 20 проценти, а според некои процени и над половината, кои не се согласни со демократијата што ја спроведува владејачката партија. Многу луѓе изминативе седмици излегуваа на улиците на полските градови барајќи повлекување на спорните измени на споменатите закони.

Не зачудува ниту тоа што на нивната страна застана и главниот Полјак во Европа, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, поранешен главен политички противник на Јарослав Качински, кој го обвинува и за прикривање на деталите од авионската несреќа во којашто во 2010 година кај руски Смоленск загина неговиот брат близнак Лех Качински, тогашен полски претседател. Варшава, исто така, не го поддржа и реизборот на Туск на челната позиција во европското тело. Според Туск, измените „ја враќаат Полска назад, како во времето, така и во просторот, назад на Истокот“. Се разбира, тој ги поддржа демонстрантите: „Луѓето излегоа на улиците поради прекрасната загриженост за Полска и желбата да таа да биде подобра. Апелирам до претседателот да не ги игнорира тие луѓе, затоа што тие имаат само добри намери“.

polska protesti 05

Се чини дека полскиот претседател ги послуша ваквите повици. Анджеј Дуда, инаку член на владејачката партија, стави вето на два од трите контроверзни предлог закони за реформите на судскиот систем. Владата, очекувано, беше изненадена и незадоволна од ваквата одлука на Дуда, па премиерката Беата Шидло, го нарече потегот на шефот на државата „несфатлив“, но истовремено постојат најмалку две многу значајни „но“. Првото е што претседателот не е против самите предлог закони, тој само бара да се внесат некои измени во нив. На пример, именувањето на судиите да не се носи со просто мнозинство во парламентот, туку со најмалку 60 отсто од гласовите на пратениците. Вториот чекор на Дуда може да се објасни не толку со стремежот да ѝ се удоволи на ЕУ, колку со намерата да им се направат проблеми на своите политички противници во земјата, во прв ред на министерот за правда Збигњев Зебро (Зобро).

Зебро е многу влијателен политичар во моментов, бидејќи од март 2016 година во него се концентрирани двете важни функции: министер за правда и државен обвинител. Планираната реформа во судството уште повеќе ќе ја зајакне неговата позиција и би му помогнало во остварувањето на сопствените многу можни претседателски амбиции. Оттаму, за Анджеј Дуда тој претставува многу сериозен конкурент. Во секој случај, доколку актуелниот претседател сака да излезе од сенката на премиерот од сенка, Јарислав Качински, неопходно е да ја покаже својата моќ и самостојност.

Некои политички аналитичари веќе започнаа да проценуваат дека Дуда, на крајот, ќе престане да танцува под тактот на Качински. „Претседателот сакаше да го урне имиџот на политички подреден и недвосмислено да ги зголеми своите шанси повторно да биде избран во 2020 година“, смета поранешниот полски министер за одбрана, Томаш Семонјак. Сепак, 2020-та допрва треба да се дочека, а тука и во моментов да се истапува против сивата еминенција е сѐ уште рано. Според некои шпекулации во медиумите, Качински бил исклучително незадоволен од самостојните чекори на Дуда и веќе го нарекувал предавник. Оттаму, со голема веројатност може да се претпостави дека барем дел од реформите на судскиот систем ќе минат во парламентот и ќе го добијат потписот на претседателот Дуда, доброволно или принудно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.