Анализа: Путин е последната личност која би имала интерес од убиството на Немцов

Рускиот опозиционер Борис Немцов беше отворен критичар на претседателот Владимир Путин, но имаше многу мало политичко влијание, изјави политичкиот аналитичар Дмитриј Бабич, кој смета дека Путин е „последната личност“ која би можела да стои зад убиството на Немцов и која би имала некаков интерес од тоа.

Бабич во интервју за Раша Тудеј изјави дека трагичната смрт на Немцов е „огромен подарок за оние што го мразат Путин на Запад“ и кои што сакаат да го обвинат рускиот претседател.

– Тоа секако е голема трагедија. Доста свирепо убиство. Но, не би рекол дека господинот Немцов беше на било кој начин закана за претседателот Путин, вели Бабич.

– Тој немаше апсолутно никакви шанси да ги освои изборите уште од деведесетите кога имаше неколку изборни успеси. Така што, ако се каже дека Немцов е убиен за да се влијае врз руската политика  во Украина, тоа е очигледно преувеличување, истакнува Бабич.

Рускиот аналитичар вели дека во минатото повеќе пати се случувало „кога постои влошување на односите помеѓу Русија и Западот, лица од опозицијата, понекогаш либерални политичари, да бидат убиени под неразјаснети околности“.

Бабич вели дека се согласува со поранешниот премиер Михаил Касјанов дека е тешко да се утврди кој стои зад убиството, но дека, според него „претседателот Путин е последната личност која би имала интерес“.

-Немцов не беше само критичар на Путин, тој многу пати го навреди Путин во јавноста, во мас медиумите. Беше отворен противник на Путин, благо кажано. Убиството на таа личност сега секако е голем подарок за оние што го мразат Путин на Запад, кои што веднаш ќе почнат да ја спинуваат приказната на ист начин како што ја спинуваа приказната за убиството на Ана Политиковскаја, убиството на Сергеј Јушченков, вели Бабич и додава дека за тие убиства водечките медиуми секогаш го обвинувале Путин иако немале никакви докази за тоа.

Како главна импликација од убиството на Немцов, Бабич го детектира начинот на кој западните медиуми ќе реагираат и не предвидува позначајни промени на руската политичка сцена.

– Од 90-тите Немцов не беше успешен политичар. Тој не беше особено популарен кај народот… Така што поголемиот број импликации ќе бидат во медиумската сфера, како западните медиуми ќе ја претстават оваа ужасна трагедија, посебно во контекст на војната во Украина, за која што, западните медиуми исто така ги обвинуваат Путин и Русија, што сметам дека е прилично неправедно, заклучува рускиот аналитичар.

фото: ft.com

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.