АНАЛИЗА: Путин го ослободи духот од ламбата

Рускиот претседател Владимир Путин, менувајќи една државна граница во Европа, го пушти лошиот дух од волшебната ламба, пишува британски „Тајмс“, пренесува Нетпрес.

„Судирот во Одеса покажува дека тој повеќе не ги конторлира случувањата“, се вели во текстот.

Незаконското анексирање на Крим ги убеди сепаратистите дека со воени методи можат да дојдат на власт. Тоа е опасна заблуда, а рускиот лидер е оној, кој треба да ги разубеди. Алтернативата може да се покаже не помалку крвава, отколку онаа на Балканот во текот 90-те години, предупредува британското издание.

Главна цел на Путин е слабеење или целосна парализа на секоја прозападна власт во Киев. Наједноставниот начин да се постигне таа цел е разгорување на ситуацијата до тој степен, да власта во Киев биде принудена да воведе вонредна состојба во земјата и привремено да го стави во мирување дејствието на уставот. Тоа, пак, ќе го направи невозможно, одржувањето на иборите на 25 мај, годинава.

Но, реториката на Путин наведува на мислата дека тој сака цела Украина да биде во славјански, а не во западни раце. Таа цел е невозможно да се постигне ниту со руска интервенција, ниту пак со разгорување на граѓанска војна. За постигнување на своите цели Кремљ треба да е во состојба, како што ги почна, така и да ги сопре сепаратистичките акции. Она што се случи во Одеса демонстрира дека тој е немоќен да стори ништо повеќе. Владимир Путин треба да дојде при себе, смета изданието.

Во 2008 година во Грузија тој веќе покажа дека е подготвен да прогласи победа, ограничувајќи се само на Абхазија и на Јужна Осетија. Западот сега треба да го убеди да ја сопре кампањата за дестабилизација на Украина и да ги прифати резултатите од претстојните избори на 25 мај. Многу веројатно е дека тој самиот дошол до таков заклучок, не поради санкциите, туку бидејќи кревката власт во Киев, принудена да и’ се покори на Москва, за Кремљ не е којзнае колку полоша од еден корумпирана марионета од лидер како Виктор Јанукович.

Но Западот, а особено ЕУ, треба да има цврстина во своите ставови, што се однесува до основните принципи. Украина не може да биде поделена, нејзиниот суверенитет неможе да биде поткопан, а пумпањето на ситуацијата внатре во Украина и подмолното туркање „под килим“ се неприфатливи. Украина треба самата слободно да ја избере својата иднина, пишува „Тајмс“.

Според текст објавен во весникот „Гардијан“, во сложената шах-мат партија, која Западот ја игра со Владимир Путин, тој засега се одлучува само кон прилично скромни тактички чекори. Забраната за издавање на визи за некои чиновници и замрзнувањето на имотите и сметките на некои и не толку големи компании, се еквивалент на скромно местење на пиуни на шаховската табла.

Експерти, кои однапред знаат какви санкции може да примени американското министерство за финансии, имајќи ги во предвид слабостите на руската економија, сметаат дека Вашингтон сепак располага со многу поагресивни и поопасни карти. САД можат да и’ нанесат значителен удар и штета на руската економија. Русија заработува долари од околу 90 отсто од својот извоз. Да, нивото на надворешниот државен долг не е високо, но руските компании во многу случаеви зависат од странските кредити. Долгот на руските компании кон странските кредитори изнесува 439 милијарди американски долари, а оној на руските банки – 215 милијарди долари.

Изземена од западниот банкарски систем, Русија ќе се најде во клештите на рецесијата. Но, весниот пишува дека секое ширење на западните санкции, може да предизвика и соодветен одговор, односно реакција од другата страна. Русија може брзо и директно да и’ нанесе значителна штета на западната автомобилска и авио индустрија, и тоа едноставно со блокада за продажба на материјали. На пример, „Боинг“ во многу блиска иднина планира од Русија да купи титаниум во вредност од 18 милиијарди долари. Тешко ќе настрада и Европа, чиј трговски обем со Русија за 15 пати го надминува оној што го има со САД.

Многумина мсетаат дека сега е неопходно да се мисли, не на санкции кон Русија, туку како да и’ се помогне на Украина. По војната во Грузија во 2008 година, Русија сфати дека бизнисот ќе и’ се врати. Западот има премногу интерес во Русија, и затоа не смее да ја казнува, пишува „Гардијан“.

Весникот „Индипендент“ во својот редакциски коментар, пишува дека ситуацијата во Украина достигнала една точка од која нема враќање. Откако десетина лица загинаа во Одеса, и откако сеуште непознат број беа убиени во источна Украина, разговорите за војна на источната граница на Европа веќе не се туѓи. Тоа е новата реалност.

Стратегијата на Западот за Украина – постепено вовлекување на земјата во европската орбита, надевајќи се при тоа дека Москва нема да забележи ништо – целосно е откриена. Како и да заврши операцијата на украинските сили во источниот дел на земјата, следната недела таму ќе се одржи нов „кримски референдум“, на кој повеќе од очигледно е дека ќе победат проруските сепаратисти. Главните лостови на власта таму се во нивни раце. Дури и ако украинската армија успее да преземе неколку града, сепак нема да може да го завземе целиот регион.

Па така, главното прашање е не дали таму ќе има референдум, туку што ќе се случува по него: дали сепаратистите ќе решат да создадат автономен регион или, пак, ќе објават присоединување кон Русија. Додека опциите за можни стратешки одговори на еден ваков развој на настаните, исчезнуваат еден по друг, политичарите во Вашингтон и во европските престолнини, веројатно ќе посакаат едноставно да кренат раце, за се’ да го обвинт Кремљ и да ги затворат очите. Западот веќе направи нешто слично во поранешна Југославија во текот на 90-те години.

Режимот од санкции ќе им даде можност на американците и на европјаните да мислат дека прават нешто, но реално глупаво е да се смета дека санкциите ќе спасат барем еден живот во Украина. Западот всушност практично ништо не прави, за да дознае кон што се стреми Русија. Западот смета дека Кремљ сака да ја отцепи Доњецката област, иако за сите е јасно дека анексија на уште една украинска територија ќе доведе до тоа Русија да го загуби своето влијание во останатите делови од Украина, а тоа по се’ изгледа не се совпаѓа со руските планови.

Голема е веројатноста претседателот Путин до толку да го изгубил чувството за разумност, за повеќе и воопшто да не го интересираат долгорочните интереси на Русија. Но, трагедијата е во тоа што нашите лидери не се ни обидуваат да дознаат дали има некакви допирни точки со Русија, во однос на иднината на Украина, пишува британскиот весник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.