Анализа: Путин си игра со оган

Воени авиони во борбена готовност и војници кои маршираат: еден поглед во минатото на Владимир Путин покажува зошто рускиот претседател демонстрира мускули во однос на Крим и колку всушност тоа е опасно, пишува германскиот политички магазин „Фокус“, пренесува Нетпрес.

Секој, кој што сака да ја разбере политиката на Владимир Путин во целост, како и неговата сегашна позиција кон Украина и кон Крим, треба да го согледа чувството на блискост кое тој го негува кон Советскиот сојуз, како неговата носталгија по советското време. Демонстрацијата на сила на Москва на границата со Украина, каде првиот човек на Кремљ испрати на воена вежба борбени бродови и авиони, го потресе не само новото раководство во Киев, туку исто така и Западот.

Извор од Кремљ коментира дека Русија, или поточно кажано – државата, е се’ за поранешниот агент на КГБ. Тој си замислува дека е еден вид на реинкарнација на Петар Велики, и повеќе не прави разлика меѓу земјата, државата и сопствената личност. Путин го оценува рапсадот на Советскиот сојуз како „најголема геополитичка катастрофа на 20-от век“. Истиот извор додава дека првиот човек на Русија е убеден дека е предодреден да ја корегира таа грешка на историјата и верува оти ја направил Русија повторно силна. Кажано со други зборови, Путин сака да влезе во учебниците по историја како обединувач на славјанската земја. Затоа и случувањата во Украина се толку експлозивни за него: со територија, која е приближна со размерите на Франција, источноевропската држава е од клучно значење за неговите амбиции.

Силата е основната грижа на Путин. Сила за себе си, сила и за Русија, ако тој сеуште успева да направи разграничување меѓу овие две работи. Во времето, кога сеуште бил слабичко момче, тој честопати бил жертва во тепачки во ленинградската населба на работничката класа. Во очите на лидерот Русија била поразувана во годините на Горбачов и на Елцин. Сега зад кормилото е тој, и постојано покажува мускули: како кога ветува дека ќе се справи со терористите, така и кога ја испраќа армијата да маршира.

putin (1)a

Критичарите го објаснуваат однесувањето на Путин како хулиганско, додека од друга страна, неговите поддржувачи го сметаат за спасот на Русија. Дури и сега Путин повторно си игра на сила, поставувајќи ја воената авијација во највисока борбена готовност и испраќајќи ги војниците на воена вежба на самата граница со Украина. Неволно се сеќаваме на малото момче од Ленинград, кое многу сакаше да си игра со оган. И за човек од КГБ, кој себе си се гледа опколен од ѓаволи и непријатели.

Секој, кој ги следи медиумите контролирани од Москва, останува со впечаток дека Русија е во војна. Ѓаволот и непријателите се насекаде и едноставно чекаат да насрнат на земјата и да ја колонизираат. Дали станува збор за топлотниот бран во 2010 година, демонстрациите во Москва против изборите во 2011 година, или пак протестите во Киев, годинава, пораката е иста – дека зад секое зло стојат САД, независно дали дејствуваат со климатски бомби или пак плаќаат демонстранти.

Многу западни набљудувачи гледаат само пропаганда во сличните тврдења. Тие секогаш го земаат во предвид фактот дека Путин и неговите другари од Кремљ сепак биле дел од КГБ. А Советските власти од секогаш биле хронично параноични.