АНАЛИЗА: Русија тргнува кон Балканот – Германија избезумена

Еден од основните принципи на германската надворешна политика гласи: дипломатските проблеми се решаваат најдобро преку дијалог. Од тие причини и официјален Берлин го испрати Гернот Ерлер во Москва, како свој полномошник во Русија. Неговата задача е да ја разгледа и да разговара за сложената ситуација со пратениците во руската Дума. Само што во рускиот парламент не се најде ниту еден кој има желба да разговара со него, објавува „Дојче Веле“, пренесува Нетпрес.

Ерлер ја толкува пораката од Москва вака: „Русија не сака да води дијалог. Тоа важи како за редовниот пратеник, така и за претседателот Путин“.

– Моментно во руската политика дејствува принципот на организирана непредвидливост, изјавил Гернот Ерлер.

Особено огорчен од целата таа ситуација е германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, кој во изминатите неколку седмици повеќе пати изрази загриженост од околноста дека руската страна прави се’ што е можно за да ја урне взаемната доверба.

– Во блиска иднина нема изгледи за нормализирање на односите со Москва, предупреди Штајнмаер.

На иста линија е и германскиот канцелар Ангела меркел, посочува весникот „Шпигел“.

Партнерот стана противник

Позицијата на Берлин е дека за една година Русија од партнер се претворила во противник. Напорите за градање на партнерство со Русија, до кое Берлин особено многу се држеше, изгледаат дефинитивно погребани.

Сега на дневен ред е една друга цел: Како да се сопре руската експанзионистичка политика во Европа – најмногу во однос на нестабилните балкански држави?

Она, кое повеќето политичари во Берлин се воздржуваат да го кажат на цел глас, во текст го напиша германскиот европратеник Елмар Брок:

„Сето тоа е дел од еден обемен стратешки план на Русија, чија цел е ’преземање’ на одделни држави преку користење на политички, а најмногу економски лостови“.

Очигледно, сличен е ставот и на Меркел. За време на својот говор во Сиднеј таа испрати остри критики кон рускиот претседател Владимир Путин и предупреди дека однесувањето на Москва во Украина крие ризици и за други држави.

– Украинската криза веќе не е чисто регионален конфликт – таа не’ засега сите и се повпечатливо е дека станува една сериозна закана и за други држави од регионот, рече Меркел и ги прозва земјите, кои според неа се пдо најголема закана – Молдавија, Грузија, Србија и другите држави од Балканот.

– По две светски и една Студена војна, сега дејствијата на Кремљ го ставаат под знак прашалник воспоставениот светски поредок, изјави Мрекел во Сиднеј, и напомена дека не сака враќање на она време, кога ништо не смееше да се случи без одобрение од Москва.

– Така беше цели 40 години. Не сакам да се враќаме кон тие времиња, објавува новинската агенција „Ројтерс“, дел од говорот на Меркел.

Мечката не чека разрешување“

Од почетокот на украинската криза досега, Ангела Меркел имала најмалку 35 телефонски разговори со рускиот претседател Путин.

Таа порача да и’ биде изготвена и преписка за еден говор на Путин, кој тој го одржа пред околу еден месец, пред руски и пред странски новинари во Сочи. Во тој говор Путин го изложи своето видување за новиот светски поредок и го посочи главниот виновник за негативностите од тоа што допрва претстои.

Според Путин, САД веќе го уништиле меѓународното право и сега се стремат кон воспоставување на еднополов светски поредок.

– Тие, наречените победници од Студената војна, сакаат да го моделираат светот според сопствените интереси, а Вашингтон ја сноси одговорноста не само за исламскиот тероризам, туку и за конфликтите во Ирак, во Сирија и во Либија, убеден е Путин.

– Зашто тоа, кое е применето како решение за едни, не важи и за други? – прашал рускиот претседател во својот говор, и прецизирал дека „Мечката не чека разрешување. Таа е владетелот на тајгата и нема да ја остави на друг“.

Путин рекол и друго, дека „мечката“ нема наме да влегува во други климатски зони.

Но, каде според Путин, завршува тајгата и каде почнува другиот климатски појас? – тоа е прашањето кое сега си го поставуваат во Берлин.

Минатата среда Русија, на големо изненадување, се произнесе против продолжување на мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина. Причина: со решението за продолжување на мисијата се говореше и за европската перспектива пред Босна и Херцеговина.

Потоа дојде и новината дека Москва има резерви во однос на кандидатурата на Германија за претседателствување со ОБСЕ во 2016 година. А малку подоцна, Кремљ го информирал германскиот амбасадор во Москва дека пожелно е Берлин да ја повлече брзо својата долгогодишна соработничка на амбасадата, Сабине Штур. Така и се случи. Спорната службеничка, позната по своите критички оценки за политиката на Кремљ, беше преместена во германското претставништво на ОБСЕ во Виена.

Кон што цели Путин?

Според оценката на германскaтa влада, Москва е цврсто решена да го осуети приемот во ЕУ на сите оние земји од Балканот, кои сеуште не се дел од европските структури. Во доверлив документ на германското министерство за надворешни работи, под името „Влијанието на Русија во Србија“, се вели дека „Западен Балкан има стратешко значење за Москва“.

Документот опишува некои од доктрините, кои Русија ги користи, за да ја доведе Србија уште поблиску до себе. На пример, се тврди дека во Србија Москва се залагала за „јавна дипломатија со јасно изразена панславјанска реторика“. Или, според зборовите на германскиот европратеник Елмар Брок, целта на Путин е да го засили притисокот врз земјите од Балканот до тој степен, што тие или да се дистанцираат од ЕУ, или веќе како земји-членки на Унијата да работат активно за протуркување на руските интереси внатре во Сојузот“. Истото целосно важи и за Босна и Херцеговина.

Колку правилна е таа оценка, покажува друг стратешки документ за руската стратегија на Балканот. Тој е изготвен од влијателниот Совет за надворешна политика во Москва и пред извесно време му бил претставен на рускиот претседател. Во документот се вели дека во тој регион, кој по традиција поддржува тесни врски со Русија, „не може да се ограничуваме само на инвестиции на компании. Треба да потрошиме пари за подобрување на тамошната инфраструктура и најважното – треба да инвестираме во тамошните луѓе“.

По се’ изгледа дека Путин всушност го практикува тој курс. Моментно руските железници модернизираат во Србија дел од 350 километри – вредноста е во износ од 750 милиони евра; руската компанија „Лукоил“ е сопственик на 79,5 отсто од мрежата на бензиски станици на српската „Беопетрол“; а, „Гаспром“ е мнозински сопственик на најголемата компанија за дистирбуција на гас во Србија.

Слична е ситуацијата и во Црна Гора, каде Русија е прва на листата странски инвеститори, а 30 отсто од фирмите во земјата им припаѓаат на Руси.