АНАЛИЗА: Што се случи со Крим по анексирањето?

Повисоки пензии, бесплатни медицински услуги и зголемени плати за државните чиновници – така Москва ги награди граѓаните на Крим по неговото анексирање, објавува германски „Ди Велт“, пренесува Нетпрес.

Но,туристите, кои се од витално значење за благосостојбата на жителите на полуостровот, исчезнуваат. Од друга страна, пак, Крим се’ повеќе и повеќе наликува на Русија.

Минатата година близу шест милиони луѓе го посетиле полуостровот. Од нив околу 65 отсто Украинци, а околу 26 отсто Руси. Според официјалните податоци на кримското министерство за туризам, во првата половина од годинава имало 35 отсто помалку туристи отколку во истиот период лани. Значително е намален бројот на туристите од Украина, што е само една од многуте драматаични промени на овој полуостров.

Пред референдумот оваа пролет, рускиот претседател Владимир Путин им ветуваше една многу светла иднина на локалните жители. Сега тој се обидува да воспостави благосостојба со инјекции со пари. Но, и покрај тоа, населението е длабоко поделено. Некои се надеваат на понатамошни инвестиции од Москва, а други ја критикуваат врската со Русија и се’ повеќе го чувствуваат нејзиниот студен однос.

Со анексирањето на Крим, на многумина им се оствари сонот да живеат со Русија. Но, што всушност тоа им носи? Тие гледаат голема надеж во Москва, која треба да инвестира навистина многу пари во Крим. Дел од претприемачите, кои носат туристи во летниот период, веруваат дека во „период до две години“, бизнисот повторно добро ќе им тргне.

Голем дел од жителите на Крим заработуваат пари со понудата од поволни услови за одмор. Но, ова лето не доаѓаат никакви гости. Граѓаните на Крим гледаат голема надеж и во најаваите за изградба на мост, кој треба да го поврзе градот Керч со рускиот континентален дел. Трошоците за овој колосален проект најавено е дека ќе изнесуваат меѓу 3,2 и 4,3 милијарди евра, а најверојатно и ќе се зголемат.

Генерално, анексирањето на Крим излегува дека е многу скапо за Русија. За оваа, но и за следните три години, за полуостровот се планирани годишни буџетски субвенции во износ од околу една милијарда евра повеќе, отколку за било кој друг регион. Како дополнување, за 2014 година, од Москва ќе бидат пуштени приближно 2,1 милијарди евра за пензии, за преструктуирање на државните агенции за изградба на патишта.

Овие бројки ги импресионираат граѓаните на Крим. Тие ги поздравуваат бесплатното здравство и лекови, повисоките пензии, и подобрите месечни примања на вработените во државната и во јавната администрација. Украина никогаш не трошела толку многу пари за Крим.

Но, од друга страна, фактот дека овие мерки значително ќе ја ослабнат руската економија, гледајќи на долгорочен план, воопшто и не се споменува во медиумите.

Истовремено, пак, цените во Крим нагло се зголемија. Вработените во приватниот сектор најмногу ги чувствуваат промените, бидејќи нивните плати неможе да бидат зголемени со одлука на Крем. На приватниот сектор со сигурност му претстојат несигурни времиња. Големите компании, кои работат на меѓународно ниво, ќе претрпат сериозни загуби. Од едноставна причина што во светот Крим се смета за окупирана територија и компаниите стравуваат од санкции во случај да се одлучат да инвестираат таму.