АНАЛИЗА: Светот се тетерави на работ од третата светска војна и нуклеарна катаклизма

Западните нации стравуваат од скорешен почеток на трета светска војна, а американските разузнавачки служби кои вообичаено ги даваат процените за ризиците од воени конфликти предвидуваат дека следните пет години ќе има зголемен ризик од судири меѓу, и во самите држави.

Светот се тетерави на работ од третата светска војна, сметаат жителите на најголемите западни земји, кои учествувале во неодамнешното испитување на јавното мнение кое го спроведе претходно годинава агенцијата YouGov. Социолозите го спровеле истражувањето меѓу 9.000 жители на девет западни држави, вклучително САД, Велика Британија и Франција и се оценува дека споменатата анкета покажала дека западната јавност мрачно гледа на иднината, стравувајќи дека на повидок е „светски конфликт“.

Со суперсилите кои се на различните страни од крвавиот конфликт во Сирија, џихадистичката Исламска држава која продолжува да се бори на Блискиот исток, со сериите крвави терористички напади ширум светот, и Владимир Путин и Доналд Трамп којшто зборува за „тешки игри“, анкетата на YouGov покажува дека жителите на деветте западни земји сметаат дека мирот во светот е сé подалеку.

Во САД, многу повеќе предвидуваат светска војна, додека Французите, Германците и Британците, помалку се песимисти. Така, околу 64 отсто од Американците сметаат дека светот е на работ од голема војна, наспроти 15 отсто кои мислат дека светскиот мир може да се одржи. Во Велика Британија близината на нов глобален вооружен судир ја чувствуваат 61 отсто од испитаниците, а 19 проценти се приврзаници на оптимистичкото сценарио за мирот во светот.

Спротивно на нив, луѓето во нордиските земји, во прв ред Шведска, Финска и Норвешка се многу помалку наклонети да веруваат дека светот е на прагот на голема војна. Данците, исто така, се меѓу најрасположените во поглед на изгледите за мир во светот со 39 отсто, наспроти 45 отсто кои мислат спротивно.

„Најголемиот страв го манифестираа Французите и Американците, но од различни причини“, вели директорот на институтот за политички и социјални истражувања YouGov, Ентони Велс. Според него, стравот кај Американците е најверојатно предизвикан од несигурноста во капацитетите и намерите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Додека,пак, Французите многу повеќе стравуваат од терористичките закани и дури 81 отсто од испитаниците веруваат дека нивната земја наскоро ќе се соочи со нови терористички напади.

Истото истражување покажало дека жителите на Европа и на САД имаат тенденција како најголема воена закана да ја гледаат Русија, и тоа Британците најмногу стравуваат од Москва, иако другите анкетирани земји како Финска и Германија се географски многу поблиску до поранешните граници на Советскиот сојуз. Околу 71 отсто Британци се чувствуваат загрозени од Русија, наспротив 59 отсто од Американците, што е и најниската стапка во сите земји во кои е спроведена анкетата.

Сите анкетирани нации, освен Финците, сметаат дека терористички напад врз нивната земја е многу помалку веројатен отколку досега во текот на следната година, Французите со огромни 81 отсто се најзагрижените на Западот од терористички напади, наспроти само 11 проценти кои сметаат дека нема ништо такво да се случи во 2017 година. Терористички акти, исто така, во мнозинство предвидуваат и жителите на Велика Британија, Германија и на САД. Во Финска, пак, само 26 проценти сметаат дека може да се очекува таков напад, наспроти 63 отсто за кои малку е веројатно тоа да се случи во нивната земја.

Ризиците од судири меѓу и во самите држави во светот следните пет години ќе се зголемува до ниво коешто не е видено од Студената војна, бидејќи слабее глобалниот раст, светскиот поредок воспоставен по Втората светска војна се урива, а антиглобализацијата ги подгрева национализмите, се наведува во објавениот извештај на американската разузнавачка служба.

„Споменатите тенденции ќе се приближуваат една на друга со темпо без преседан и ќе ги направат управувањето и соработката потешки, и ќе го променат карактерот на моќта – радикално менувајќи ја глобалната слика“, се оценува во извештајот под наслов „Глобални трендови: парадокс и напредок“(Global Trends: Paradox of Progress), на американскиот Национален разузнавачки совет (National Intelligence Council – NIC).

Тезите беа објавени десетина дена пред инаугурацијата на избраниот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари, и ги наведуваат факторите „коишто ќе ја обликуваат тмурната и тешка блиска иднина“, вклучително и „сé поагресивните“ Русија и Кина, регионалните судири, тероризмот, сеопшто растечката нееднаквост во приходите, климатските промени и бавниот економски раст.

Аналитичарите сметаат дека заканата од тероризмот во текот на следните неколку години ќе се зголеми, бидејќи малите групи и поединци ќе биваат привлечени од „новите технологии, идеи и односи“. Управувањето, се наведува натаму во извештајот, ќе стане сé потешко бидејќи проблемите, како што се глобалните климатски промени, уништувањето на природната средина и здравствените закани, ќе бараат колективна акција, во моментите кога таквата соработка станува сé потешка.

Покрај тоа, авторите на извештајот веруваат дека несигурноста во позициите на САД „Западот ќе го фокусираат врз самиот себеси“, а ослабените механизми за заштита на човековите права и стандарди за спречување конфликти може да ги охрабрат Русија и Кина да го оспорат влијанието на САД. Овие спротиставености „нема да го минат прагот на ‘жешката’ војна, но тие може да доведат до значителни ризици поради погрешни процени“. Истовремено не се исклучува дека ризикот од меѓудржавни конфликти може да се зголеми „до нивото коешто не е видено од крајот на Студената војна“.

Извештајот намерно ја изостава анализата на американската политика или одлуките, но предупредува на сложеноста на тешкотиите со коишто Доналд Трамп ќе мора да се фати во костец за да ги исполни изборните ветувања, како што се подобрувањето на односите со Русија, достигнувањето на Кина на економското поле, враќањето на загубените работни места во САД и поразот на тероризмот.

Во Националниот разузнавачки совет на САД се вклучени високо рангирани аналитичари на разузнавачки податоци, кои се специјализирани за одредени региони и теми. Извештајот, кој вклучува интервјуа со академици, финансиски експерти и политичари од целиот свет, ги истражувало политичките, општествените и технолошките трендови за кои авторите сметаат дека ќе го обликуваат светот од денес до 2035 година.