АНАЛИЗА: „Трампизмот“ во Европа ќе донесе економски последици

трампизам

Европските политичари, кои се опоненти на утврдените елити, едвај успеаа да се воздржат од задоволството од победата на Дондалд Трамп на претседателските избори во САД.

Од Марин Ле Пен во Франција, преку Виктор Орбан во Унгарија, до Најџел Фараџ во Велика Британија, сите тие со огромно задоволство го поздравија изборниот триумф на идниот американски претседател, гледајќи на тоа како на афирмација на нивната долга опозиција против миграцијата и слободната трговија.

Европа во следната година ја очекуваат серија од тестови: почнувајќи со претседателските избори во Австрија, кои се следниот месец, и италијанскиот уставен референдум, продолжувајќи со изборите во Холандија, Франција и Германија во 2017 година. Всушност, токму сега европските популистички партии ја насетуваат можноста да постигнат огромен успег, пишува американскиот весник „Вол Стрит Џурнал“, пренесува Нетпрес.

Но, има важна разлика меѓу САД и европската ситуација. Пазарот чувствува дека победата на Трамп најверојатно ќе доведе до промени во американската економска стратегија. Минатата седмица акциите поскапеа, а облигациите поефтинија, додека инвеститорите се обложуваа дека ветувањата на Трамп за намалување на коорпоративните даноци, за помалку регулации и повеќе големи инфраструктурни расходи ќе доведат до зголемени заработки на компаниите и до раст на инфлацијата. Тоа, пак, од друга страна ќе го намали за одреден дел притисокот врз Федералните резерви, кои може многу побргу од очекуваното да ги зголемат каматите.

Но, во Европа е тешко да се претпостави дека успех на популистичките партии во еврозоната ќе доведе до промени во националните економски политики. Наместо тоа многу е поверојатно да се направи поголем притисок врз Европската централна банка (ЕЦБ), и тоа многу поголем од тој што може да го поднесе.

Тоа е така бидејќи фискалните правила во еврозоната не можат да влијаат многу врз фискалната политика. Повеќето влади во еврозоната сеуште се задолжени да продолжат да го намалуваат дефицитот и нивото на надворешниот долг. Земјите кои имаат фискална можност да обезбедат повеќе стимул се оние кои всушност најмалку имаат потреба од тоа. Во Германија невработеноста е под 6 отсто и има навестувања дека зголемувањето на платите може да почне да ја потхранува внатрешната инфлација. Земјите, пак, со најголеми проблеми и со најголем ризик од дефлација, како Италија и Португалија, се тие со најмал фискален простор.

Напорите да се зголемат инвестициите со заедничките програми на ЕУ, како т.н. план „Јункер“, досега имаат незначително влијание врз растот.

Успехот на популистичките партии, освен што ќе создаде повеќе тешкотии за владите да обезбедат економски раст внатре во државите или да постигнат консензус за промени при управување на еврозоната, според многу економисти е од исклучително значење за долгорочна финансиска стабилност.

Всушност, очекувањата за подлабока интеграција во еврозоната изгледа се намалуваат, па владите за да одговорат на евроскептичниот притисок, поставуваат пречки.

На пример, Холандија има закон кој наложува да биде спроведен референдум за секој закон поврзан со ЕУ, со петиција од 300.0000 потписи. Тој инструмент веќе беше искористен за да се блокира трговската спогодба меѓу ЕУ и Украина. На сличен начин белгискиот регион Валонија минатиот месец речиси ја поништи спогодбата за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада.

До моментов дејствијата на ЕЦБ им дозволуваат на владите во еврозоната да ги избегнат тешките решенија, Но, тоа неможе да продолжи до бескрај. Еврозоната веќе е исправена пред редица неодложни предизвици, кои можат да го тестираат единството. Сеуште не е постигната согласност меѓу Берлин, Атина и Меѓународниот монетарен фонд, за ослеснувања за грчкиот долг. А, без решение за ова, властите стравуваат дека може да дојде до нова криза идната година. Истото се случува и меѓу Брисел и Рим, во врска со италијанскиот буџет за следната година и примената на правилата на ЕУ.

Политичарите стравуваат дека владите може да решат да дејствуваат и да ги нарушат правилата наместо да се плати цената внатре во државата, и да се оспорат правните основи, според кои ЕЦБ делува.

Дури и ако еврозоната успее да ги ибегне сите тие шокови, проблемите ќе продолжат за владите, особено ако инфалцијата се зголеми и ако обновата продолжи. Повисока инфлација може да го намали притисокот врз Федералните резерви, но тоа ќе го искомплицира многу животот на ЕЦБ.

Реалноста е таква што има некои проблеми од кои еврозоната не може да се крие уште долго, и пред кои политичарите ќе треба да се исправат точно во момент, кога се најмалку подготвени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.