Анализи

АНАЛИЗА: Убиството на Џејмс Фоли – мајсторскa лекција за моќта на џихадистичката Пи-Ар машина

АНАЛИЗА: Убиството на Џејмс Фоли – мајсторскa лекција за моќта на џихадистичката Пи-Ар машина

Неслучајно групата „Исламска држава“ избра британски џихадист да го обезглави американскиот новинар Џејмс Фоли. Во последните 6 месеци, лидерите на оваа исламска мрежа изработија и доведоа до совршенство сопствен бренд за злосторничка и морничава рекламна кампања.
Шокантното видео на последните моменти на Фоли е изработено со експертска вештина – ужаснатиот Американец, облечен во портокалова облека, клекнат на рид, зад кој јасно се гледа пустински пејсаж. Цело време, џихадист вооружен со нож, маскиран како нинџа убиец и облечен целосно во црно, стои до него во центарот на кадарот.

Колку што е шокантно самото убиство, толку вознемирувачки е и англискиот акцент на џихадистот – длабок, решителен лондонски акцент, кој удира по американската влада затоа што се наоѓа на линијата на фронтот во агресијата против „Исламска држава“.

Тоа не е никакво случајно совпаѓање. „Исламска држава“ избра човек од Англија, за да добие максимален рекламен ефект. Едноставно ако не сакаа светот да дознае дека убиецот е Британец, ќе му наредеа да не отвора уста.

Тоа е сторено во услуга на нивниот стремеж да предизвикаат омраза меѓу луѓето. А нема ништо друго, кое ќе посее во срцата повеќе омраза, од тоа да видат како еден Британец прави нешто толку ужасно.

Во видео записот, пред да биде убиен, Џејмс Фоли упатува силни критики не само кон Америка, туку и кон своето сопствено семејство. Видно преплавен од емоции тој се обраќа кон своите најблиски со зборовите:

„Му се обраќам на брат ми Џон, кој е припадник на американските воздушни сили – размисли што правиш. Размисли за животот кој го уриваш, вклучително и тој на сопственото семејство“.

Тоа може да им изгледа чудно на некои луѓе, но според мене целосно пасува. Кога спроведувам обуки за управување со ситуации со заложник, едно од првите нешта, кои ги кажувам, е дека ако бидете киднапиран, не треба да им правите проблеми на грабнувачите. Тој читаше од лист и веројатно не сакал да си создава проблеми поголеми од тие, кои веќе ги имал.

Ете зошто мислам дека незнал дека ќе биде убиен. Има исправен став и изгледа гордо и достоинствено. А, ако говорам од гледна точка на грабнувачите, веројатно тие не сакале инцидент. За нив е полесно да му кажат дека се’ е наместено, бидејќи во спротивно тој можел да им се спротистави. Што се однесува до семејството на Фоли, пак, да не даде Господ да се најдете во ситуација во која се наоѓаат тие моментно.

Од моето 17-годишно искуство во преговори за животи на заложници, знам дека надлежните секогаш ги подготвуваат роднините за најлошото можно сценарио. Но, ништо и никој неможе да ве подготви за тоа вашиот син, или некој друг близок, да се вратат на парчиња. Што се однесува до Стивен Сотлоф, другиот американски новинар, кој е во заложништво на „Исламска држава“, само еден Господ знае како се чувствува тој и неговото семејство во моментов.

На крајот на краиштата, џихадистите од „Исламска држава“ се само една банда на сечачи на глави, кои се обидуваат да ги претстават своите воените злосторства како религиозна идеологија. Британецот во видеото го повикува Барак Обама да ги сопре воздушните напади во Ирак, но не мислам дека американскиот претседател ќе се огласи на повикот. Се надевам дека нема да го направи тоа. Но, ако се огласи, тогаш ќе се покаже дека „Исламска држава“ може да прави политички притисок врз Белата куќа, што најверојатно ќе доведе до повеќе обезглавувања како тоа на Џејмс Фоли.

Автор за британски Телеграф: Д-р Џејмс Алварес, експерт за преговори за ослободување на заложници во случаи на киднапирања во Блискиот исток и во други делови на светот