АНАЛИЗА: Во пресрет на самитот на НАТО, Русија најави промена на воената доктрина

До крајот на оваа година во Русија ќе се појави прецизирана воена доктрина, условена од надворешно-политичките фактори, ширењето на НАТО, прашањата поврзани со противракетна одбрана и ситуацијата во Украина, јави денеска РИА новости.

Заменик секретарот на Советот за безбедност на Русија, Михаил Попов, изјави дека при Советот е формирана привремена работна група за подготовка на предлози за измена во воената доктрина, усвоена во 2010 година.

„Не се сомневам дека прашањето за приближување на воената инфраструктура на земјите членки на НАТО до границите на нашата земја, меѓу останатото е ширење на тој блок, и ќе го задржи своето место како една од надворешните воени опасности за Русија,“ изјави Попов.

Според него, САД и државите членки на НАТО се повеќе имаат интенција да го зајакнат нивниот стратешки офанзивен потенцијал. Попов изјави дека меѓу останатото се работи за развој на глобален систем на противракетна одбрана, усвојување на нови стратешки концепции за употреба на војската, изработка на нови средства за вооружена борба.

„Тоа е поврзано со појавата на нови воени опасности и закани кон Русија, кои се потврдија со случувањата со „арапската пролет“, вооружениот конфликт во Сирија како и ситуацијата со Украина и околу неа,“ изјави Попов.

Заменик секретарот на рускиот Совет за национална безбедност изјави дека не е воспоставен рамноправен дијалог со нејзините партнери и дека од Русија цело време се очекува „еднострана постапка во многу прашања поврзани со меѓународните односи.“

„Потполно необјективно се одредуваат улогата и местото на Русија во украинските случувања и во согласност со тоа се донесуваат погрешни впечатоци и се усвојуваат неадекватни мерки,“ изјави Попов додавајќи дека против Русија се води информативно-пропагандна војна без преседан и се формира „лик непријател.“

Според него, на 4 и 5 септември во Велс во Велика Британија на НАТО самиот се планира зголемување на борбената готовност, мерки за осигурување на долгорочно присуство на воени формации на Алијансата во Источна Европа, зголемување на оперативноста на силите за брзо реагирање на сметка на новите воени бази во Источна Европа, а САД сакаат да ја зголемат војската во балтичките земји.