АНАЛИЗА: Вознемиреност во НАТО

Новиот прв човек на Северноатлантската алијанса вели дека има голема вознемиреност во НАТО поради големиот број на нарушувања на прекинот на огнот во источна Украина, за што директно ги обвини проруските сепаратисти, објавува „Гласот на Америка“, пренесува Нетпрес.

Во изјава дадена во Полска, на својата прва посета на една држава како Генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека сака „да ја пофали власта во Украина за завршената работа, за придржувањето кон примирјето и за помошта во изнаоѓање на политичко решение“ во конфликтот со сепаратистите.

Бившиот норвешки премиер вели дека е важно Русија да го искористи „целото свое влијание“ за да го гарантира зачувувањето на примирјето од сепаратистите.

Минатата недела имаше тешки борби меѓу владините сили и сепаратистите во Доњецк, особено околу аеродромот во градот, кој бунтовниците се обидуваат да го вратат под своја контрола. Двете страни взаемно се обвинуваа за престрелките и нарушувањето на примирјето, за убиените и за ранетите цивили во разни делови од градот.

Најмалку едно лице беше убиено во Доњецк во понеделникот, кога населба во градот беше подложена на вооружен напад.

Погранични опасности

Во меѓувреме, во Киев, украинскиот претседател Петро Порошенко се сретна со американскиот помошник државен секретар за Европа и за Евразија, Викторија Нуланд. Порошенко ја потенцирал потребата за засилување на контролата на границата на неговата земја со Русија. Нуланд го пофалила за неговите напори за постигнување на примирје.

Украинскиот премиер Арсениј Јацењук ја обвини Русија дека не се придржува до спогодбата и меморандумот за примирје, подпишани минатиот месец. Јацењук потенцирал дека Русија продолжува да ги поддржува сепаратистите и дополнил дека украински војници и цивилни граѓани секојдневно се убивани од „поддржаните од Москва терористи“. Според него, Украина добила две беспилотни летала за следење на примирјето.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пред новинари во Москва рекол дека е „апсолутно очајно“ да се обвинуваат сепаратистите за она што се случува во источна Украина.

Уверувања за Полска

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, при својата посета на Полска, каде се сретна со претседателот Бронислав Коморовски и со други високи државни функционери, го увери во гарантираната од НАТО безбедност и помош  раководството на земјата, но и другите држави кои граничат со Русија, а кои се очигледно нервозни од руското анексирање на Крим.

Според него, НАТО ќе „продолжи со своето присуство и активност во источниот дел на Алијансата“. Северноатлантскиот воен сојуз планира да создаде сили за брзо реагирање за источна Европа, кои ќе бројат неколку илјади војници.

Столтенберг за полските медиуми рекол дека „ нема недоследност помеѓу силно НАТО и градењето на конструктивни односи со Русија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.