Анчелоти ја посака јубилејната титула во Лигата на шампиони

Трофејниот италијански стручњак и предводник на шпанскиот гигант Реал Мадрид, Карло Анчелоти призна дека му се допаѓа идеата да биде познат и како тренер под чие водство “кралскиот клуб” ја има освоено јубилејната 10. титула во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Реал Мадрид ќе има за противник градскиот ривал, Атлетико Мадрид во финалниот натпревар од годинашното издание на Лигата на шампиони, а градската пресметка ќе биде одиграна на 24 мај во Лисабон.

“Евентуалната победа ќе биде големо достигнување за овој трофеен клуб. Ми се допаѓа идеата да бидам познат и како тренер под чие водство Реал Мадрид ја има освоено јубилејната 10. титула во Лигата на шампиони. Имаме шанса да испишиме многу важна страница во клупската историја. Седум пати сум бил дел од еден финален натпревар во ЛШ и можам да се пофалам со четри трофеии. Јубилејната титула е мотив плус за мене и за моите фудбалери. Сепак Лигата на шампиони е едно непредвидливо натпреварување, сите опции се во игра”, изјави Анчелоти.