Андол, парацетамол, линекс… ќе се продаваат на бензиски и во супермаркети

Согласно со последните измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински помагала, одредени лекови граѓаните ќе може да ги купат во супермаркети и бензиски пумпи. Овие лекови се за самолекување, безбедни се за консумација и до сега, во аптеките можат да се купат без рецепта.

„Со овие законски измени се овозможува продажба на утврдената листа на лекови без рецепт надвор од аптеките, односно во определени места за продажба како што се супермаркетите и бензинските станици кои ги исполнуваат потребните услови и кои ја имаат потребната дозвола од Министерството за здравство да вршат дозвола за продажба на лекови без рецепта. На овој начин овозможуваме продажба на лекови во реони каде што аптеките се оддалечени од населените места, земајќи предвид дека во секое населено место има супер маркет или бензинска пумпа,“ изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Со оваа новина, за пациентите се олеснува снабдување со лекови во прв момент на здравствена потешкотија, односно во моментите кога се обидуваат здравствениот проблем да го излечат со самолекување, без да се јават на лекар. Се работи за лекови кои се со мало пакување и јачина, имајќи предвид дека се наменети за употреба при првични здравствени симптоми.

„Со ова за првпат во нашата држава се формира ОТЦ листа на лекови кои можат да се најдат во слободна продажба. Истата е направена според критериумите кои се воспоставени во САД и европските земји. Листата за продажба опфаќа 54,5 отсто од вкупниот број на активни супстанци и нивна комбинација. ОТЦ листата вкупно брои 108 производи. Имено, сите лекови од оваа листа и до сега се издаваа во аптека без рецепт. А, сега врз основа на решение добиено од Бирото за лекови, овие лекови ќе можат да се продаваат слободно во супермаркетите и бензинските станици,“ потенцираше Тодоров.

Во листата се застапени поголем број на групи на лекови, како што се аналгетици, антипиретици (андол од 300, парацетамол, ефералган со витамин Ц) антациди, антиревматици, регулатори на цревна флора (линекс и линекс форте), витамина А,Е,Б,Ц,Д и Е бронхосекретолитици, локални анестететици за уста и грло, локални анестетици и дезифициенси за надворешна употреба и вештачки солзи. Утврдената листа ќе се ревидира периодично, ќе се надраградува и осовременува следејќи ги актуелните критериуми во земјите кои ја имаат оваа практика.

„Сместувањето, чувањето и продажбата на лековите од листата за продажба, ќе биде постојано под надзор од инспекторите за лекови, под истите услови кои важат за лековите присутни во аптеките и веледрогериите. Сакам да потенцирам дека при изготвување на листата посебно внимание посветивме на критериумите за селекција на ОТЦ лековите кои ќе бидат достапни за продажби,“ додаде Тодоров.

Супермаркетите и бензинските пумпи кои сакаат да продаваат вакви лекови треба да се регистрираат во Министерството за здравство, со што ќе се бидат подложни на контроли од страна на Бирото за лекови.На оваа листа нема лекови за деца под 12 годишна возраст.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.