АНДОНОВ: „Јасен“ не се подготвуваше за воена состојба

Постоењето на некогашната воена инфраструктура во „Јасен“ е од периодот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век, градена за некои други времиња и модели на одбрана и таа сѐ уште е сопственост на Министерството за одбрана.

„Јасен“ нема допирна точка со тоа, ниту пак има можност да има увид во каква состојба е, вели директорот на овој природен резерват, Оливер Андонов. Тој денеска направи прошетка за медиумите по „Јасен“ за да увидат дека таму нема ништо скришно, пишува Телеграф.мк.

 

– Јас не верувам дека тие средства и, како што милувате да ги нарекувате, бункери за командување се во некоја кондиција за да обезбедат услови за современо војување – вели Андонов.

Тој демантира дека се подготвувала некаква воена состојба која требало да се реализира токму од „Јасен“.

Можеби е несреќен случај што јас како човек од одбранбената фела дојдов на местото в.д директор од „Јасен“ за да може некој со тоа да шпекулира дека нешто се подготвува. Целосно ги отфрлам сите информации што беа само шпекулации за подготвување воена состојба. „Јасен“ нема никаква улога да командува и да извршува структурни и воени задачи во однос на воените подготовки. Сè што е поврзано со одбранбените подготовки и планирањето на одбраната е во надлежност на Министерството за одбрана. Одговорно тврдам, стојам зад тоа, „Јасен“ е претпријатие кое се занимава со економија, поврзано со искористување на природните ресурси, односно управува со тоа заштитено подрачје како шумски резерват, ништо повеќе, вели Андонов.