Андонов: Согласно законот јасно се знае начинот на кадровски промени во МВР

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов денеска во Битола одговарајќи на новинарско прашање во врска со кадровските промени во МВР кои ги изврши министерот Оливер Спасовски, рече дека промените може да се вршат согласно привремениот Закон за привремена Влада за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија и јасно и прецизно се знае начинот на промени по хоризонтала и вертикала во МВР.

 

„Согласно Законот за МВР, системот за кариера и Законот за полиција, министерот може да врши промени во хоризонтала, но не повеќе од едно до две места во хиерархиската поставеност и притоа да не минуваат од група во група. Тоа значи дека неможе како полицаец да минете 12 нивоа и 5 групи и дојдете на местото началник на сектор за внатрешни работи“, рече Андонов.

 

Според него, министерот Спасовски се обидува да ги проблематизира овие прашања.

 

„Мојот предлог беше заедно да ги потпишуваме решенијата поврзани со изборите. Но Спасовски ги смени претседателите на кадровските комисии и комисиите за унапредување во МВР и други комисии, и тоа ме наведе да се сомневам дека промените се партиски мотивирани и против законити бидејќи е повреден Законот за внатрешни работи и полиција. Затоа и се случи началникот на СВР Куманово да дојде од позиција на полицаец во гранична полициска станица Белановце и тоа е преседан. Освен началникот на СВР Скопје кој е нспорен, сите останати нови началници се сомнителни заради законски прекршувања“, појасни Андонов.