Андонов: За Спасовски законите важат онака како што самиот си ги толкува

Оливер Спасовски смета дека треба да важат законите онака како што тој лично ги толкува, изјави за телевизија Нова дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов по повод забраната да врши било каква јавна активност- акт кој, како што рече, му бил доставен од страна на Министерот за внатрешни работи Спасовски.

 

„Го презентирав актот доставен од Спасовски. Не сакав да ставам потчинети службеници на МВР во непријатна позиција и да прикажувам акти доставени и до нив. Од таа причина, не сакајќи да ги ставам во непријатна состојба луѓето, преку кои очигледно Спасовски сака да се препукува со мене, ставајќи ги како топовско месо пред се во политичките пресметки со мене, јас ги повикав медиумите преку мојот советник за медиуми“, истакна Андонов во студиото на ТВ Нова, појаснувајќи на кој начин била свикана денешната прес конференција.

 

Тој рече дека со правилникот за односи со јавност на кој се повикува Спасовски, се обидува да ги стопира активностите на луѓето од МВР, иако овој правилник се однесува само на полициските службеници.

 

„Тој правилник нема сила ниту врз мене, ниту врз директорите за јавна безбедност и управата за безбедност и контраразознавање, ниту врз државниот секретар и заменикот во Министерството. Тоа се лицата кои се избрани односно именувани од Собранието и постапуваат согласно политиките, односно не се во хиерархијата на таков вид потчинетост како што тоа сака да го прикаже Спасовски“, појаснува Андонов.

 

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, обвини дека Спасовски се обидува парцијално да толкува закони.

 

„Го потенцира законот за привремена влада за спроведување избори, каде вели дека има право на 15 вертикални промени во хиеархијата на Министерството и 10 проценти хоризонтално, а го поништува делот на важењето на Законот за внатрешни работи каде законот за Влада се надоврзува врз законот за внатрешни работи, каде јасно стои дека Министерот за внатрешни работи има право на 15 поместувања во вертикала, меѓутоа согласно законот“, посочи Андонов.

 

Тој додаде дека состојбата е јасна, но Спасовски смета дека треба да важат законите онака како што тој лично ги толкува.

 

„Тоа е негов проблем, тоа е проблемот на Заев и на сите околу него. Ваквиот потег не е одлика на луѓе што се академски граѓани, луѓе на високи државни позиции, туку на улична политика“, смета Андонов.