Анџелина Џоли го задржа правото за целосно старателство над децата

Некогаш најпознатиот холивудски пар изминатите два месеци не престанува да биде тема во медиумите, но сега, по договорот на двете страни, работите би можеле конечно да се смират.

Анџелина Џоли постигна договор со Бред Пит и го задржа правото на целосно старателство над нивните шест деца, изјави претставникот за јавност на славната актерка.

Во спогодбата, исто така, се наведува и дека децата, од осум до 15-годишна возраст, ќе продолжат со „терапевтските посети“ кај Бред Пит.

Анџелина поднесе барање за развод од Бред во септември, неколку дена откако актерот бил вклучен во физички конфликт со семејството. Разводот го поднела поради „добробит на семејството“, а како причина навела „непремостливи разлики“ со сопругот.

Во соопштетнието на Анџелина Џоли, исто така, се објаснува дека договорот е постигнат пред една недела во консултации со социјалните работници.

Понатамошни информации, за истрагата поради септемврискиот инцидент, не се наведени.

„Веруваме дека двете страни се посветени на лекувањето на раните и ве замолуваме за ваша воздржаност во текот на овој тежок период“, се истакнува во соопштението.