Анџелина Џоли подготвена да влезе во политиката

Американската актерка Анџелина Џоли изјавила дека е „отворена“ за можноста да влезе во политиката или дипломатијата. Интервјуто што таа го даде за американскиот магазин Венити Фер предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

На прашањето дали таа можеби би влегла во политиката, дипломатијата или јавната служба, 39 – годишната актерка, која веќе е познат хуманитарец, одговорила:

-Отворена сум за таа можност! Кога работите во хуманитарниот сектор, свесни сте дека треба да ја земете во предвид и политиката, затоа што ако навистина сакате да предизвикате голема промена, тогаш треба да преземете и одговорност, изјавила Џоли, додавајќи дека незнае во која улога би била најкорисна.

Оваа нејзина изјава, поттикнала бројни коментари на Твитер. Магазинот Пипл на нивниот Твитер напишал: „Претседателка Џоли, звучи добро, зарем не!“.

Инаку, популарната актерка е амбасадорка на добрата волја во ОН и активистка против сексуалното насилство во завојуваните зони, како и за заштита на загрозените животински видови. Таа во октомври во Лондон доби британско витешко одликување заради ангажманот против сексуалното насилство над жените во завојуваните зони.