Ангелов: Прашањето за името не треба да влијае во односите меѓу Македонија и Грција

Ангелов нагласува дека дека без оглед на изборите во Република Македонија или во Грција, сега или подоцна, македонската Влада секогаш е подготвена да се ангажира во дискусиите за спорот со името, како во рамките на ОН, така и во директни средби со високи претставници на грчките власти.

– Во врска со второво, никогаш не е премногу да се потенцира дека се надеваме оти ќе имаме средба на двајцата премиери во најкус можен рок, како и прва средба меѓу двајцата претседатели, кои во историјата на нашите дваесетгодишни дипломатски односи никогаш не се сретнале, и покрај нашите постојани иницијативи, подвлече Ангелов додавајќи дека потребата од вакви средби не произлегува само од билатералната разлика, туку и поради сегашните предизвици со кои се соочуваат двете земји,  најмногу кризата со бегалците и мигрантите која ја истакна неопходноста да се има многу подобро координирана соработка во безбедноста и управувањето со границите.

Коментирајќи ја соработката со Владата на Алексис Ципрас, амбасадорот Ангелов потенцира дека интензитетот на интеракција и соработка со грчкото МНР се подобрува и станува посилен секој ден и изразува надеж дека тоа ќе се случи и со другите министерства и владини агенции, како и со претседателот на земјата и Парламентот.

– Она што исто така ќе биде корисно е јасна порака до сите засегнати страни во грчкото општество дека е нормално и пожелно да се соработува со вашиот северен сосед, нагласи македонскиот амбасадор во Грција, Дарко Ангелов.