Ангеловски: Ќе одиграме за добар резултат

Македонската сениорска репрезентација денеска во Белек, Турција ќе одигра пријателски натпревар со селекцијата на Финска, на која селекторот Игор Ангеловски очекува неговите избраници да го дадат максимумот и остварат позитивен резултат. На 27. март, исто така во Белек, Македонија игра контролна пресметка против Азербејџан.

–Работевме минативе четири дена, имавме навистина добри услови и сметам дека добро го анализиравме противникот и очекувам квалитетен натпревар. Станува збор за репрезентација која што нема пораз во последниве шест средби, така што навистина ќе мора да покажеме максимално залагање. Во овој момент не размислуваме за Азербејџан, сите мисли ни се насочени за вечерашниот натпревар. Наша цел е да одиграме за добар резултат, секој натпревар е важен, сега пред Лига на нациите уште повеќе, па нема зашто да експериментираме. Особено што е можно ова да се и последни пријателски натпревари, иако ќе бараме противници и за мајскиот термин, но тогаш е многу комплицирано -рече Ангеловски .
Тој додаде дека бидејќи во Лигата на нациите натпреварите се во 9 дена, можно е да се случуваат ротации за да имаме подобар стартен ростер.
-Имаме изедначен квалитет, добра конкуренција во тимот, не ја исклучувам можноста да има замена на играчи. Некои играчи имаат проблеми со минутажата во сопствените клубови, но тука мене ми одговараат со залагањето на теренот, а од друга страна ние мора да им дадеме шанса да играат -истакна Ангеловски.

Дуелот ќе биде со видео асистенција за судиите (т.н. ВАР – систем), што ќе биде првпат една наша селекција да игра по новите правила за спорни моменти на ФИФА.
Директен пренос на натпреварот е од 17 часот на tv.ffm.mk.