Англиска ИТ компанија стартува бизнис во земјава, планира 450 вработувања

Англиска ИТ компанија е најновиот инвеститор во земјава, најави денеска Висар Фида, директор Агенција за странски инвестиции.

„Се работи за англиската компанија иницирана од нашиот промотор во Велика Британија, тоа е компанијата ’Ендава’ од ИТ секторот која што е една од поголемите брендови во Велика Британија…Се занимава со производство на софистициран софтвер за големи компании“, рече Фида.

Станува збор, како што објасни тој, за компанија која што произведува софистициран софтвер и планира во следните години да вработи околу 450 млади инженери по информатички технологии во преставништвото кое планираат да го отворат во Скопје.

Според извршниот директор Џон Котелер пресудно да ја изберат Македонија како своја дестинација за инвестирање бил брзиот раст на ИТ секторот како и брзиот економски раст. Тој претходно имал средби со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, како и со Фида.

Во следните години тие планираат да го прошират својот бизнис и во другите градови од земјата онаму каде што има ИТ факултети.

„Планираме да вработиме млади и едуцирани, но и искусни кадри способни да и’ помогнат на компанијата“, вели Котелер.

Котелер и други претставници на компанијата попладнево имаат средба и со премиерот Никола Груевски во Владата.

Седиштето на компанијата е во Лондон и со дополнителни канцеларии во Франкфурт, Њујорк, Атланта, Глазгов и Оксфорд, има докажан и успешен модел на испорака со комбинирање инженерска извонредност од нејзините локации во источна Европа со индустриска експертиза во своите целни пазари.

„Ендава“ беше ставена на списокот помеѓу првите 100 аутсорсинг компании во светот и има растечка стратегија која е фокусирана на проширување на своето присуство во Источна Европа, преку постојан раст на своите постоечки центри за развој и поддршка и преку отворање нови канцеларии. Ендава е еден од најактивните работодавци во ИТ секторот во Романија и Молдавија, каде што компанијата има центри за испорака во главните ИТ центри во регионот:   Букурешт, Кишињев, Клуж и Иаси, а компанијата неодамна беше именувана за број 1 работодавец во ИТ секторот во Романија.

Македонија е позната како најбрзо растечки пазар во ИКТ секторот во јадранскиот регион. Со 41 проценти од населението на возраст под 30 години и со зголемување на бројот на образовани млади луѓе, во Македонија процентот на дипломирани студенти по ИКТ речиси двојно се зголеми во текот на последните четири години.

Скопје веќе има силна ИТ заедницата со 8.000 членови.  Локалните универзитети основаат јаки факултети за компјутерски науки, со нови 800 дипломирани студенти секоја година, помагајќи да се следи и поддржува брзо растечкиот ИТ сектор. Со директни летови од Лондон и добри врски преку Виена и Загреб, како и со централно европската временска зона, Скопје има идеална местоположба за испорака до клиентите од пазарите на Западна Европа и Северна Америка.

Ендава е приватна компанија за ИТ услуги основана во 2000 година.  Со над 1.500 редовно вработени лица, Ендава во моментов има 11 локации во Велика Британија, САД, Германија, Романија, Молдавија и Македонија, како и годишен приход од над 40 милиони фунти (50 милиони евра).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.