Спорт

Англиската Фудбалска асоцијација сугерира бојкот на Мундијалот во Русија

Англиската Фудбалска асоцијација сугерира бојкот на Мундијалот во Русија

Англиската Фудбалска асоцијација (ФА) сугерира европските федерации да го бојкотираат следното Светско првенство, во Русија во 2018 година и и препорачува УЕФА да донесе такво решение, објави МИА.

Според лондонските медиуми, кои ја откриваат ваквата сугестија на луѓето во ФА, не е докрај јасно дали определувањето за едно волку радикално решение кое би значело расцеп во светскиот фудбал, има политичка заднина или пак станува збор само за незадоволството од повторниот избор на Сеп Блатер за претседател на ФИФА.

ФА веќе пет години „војува“ со Блатер, обвинувајќи го за постоењето корупција во врвот на Светската фудбалска федерација, откако во декември 2010 година, Англија загуби во трката за домаќин на Мундијалот во 2018 година од Русија.

На тогашното гласање во Цирих, англиската кандидатура ја доби подршката само на фудбалските асоцијации во Велика Британија и испадна уште во првиот круг.

Веднаш потоа во британските весници се појавија сомнежи во регуларноста на гласањето, особено кога за домаќин на Првенството во 2022 година беше избран малечкиот Катар, каде нема фудбалска традиција, наспроти кандидатурата на САД.

Иако главнината на сомнежите се упатуваа кон Катар, се бараше детална истрага околу одлуката на ФИФА, како за оваа малечка земја во Персискиот Залив, така и за Русија.

Англиската Фудбалска асоцијација од минатата година одново прва го отвори „руското прашање“, барајќи од ФИФА да го преиспита решението Русија да биде оранизатор на Светското првенство за три години. Овој пат изговор не беше само „корупцијата“, туку и политичките прилики во Русија и посебно руската „интервенција“ во Украина.

Британските и американските медиуми беа најгласни во пресметката со Блатер откако избувна скандалот со апсењето на седумина функционери на ФИФА по налог на американскто ФБИ, кои се обвинети за корупција и за перење пари преку банки во САД, барајќи од него да поднесе оставка.

Претседателот на ФА, Грег Дајк го предупреди Блатер дека работата околу него не е завршена и дека сега треба да очекува „шокови“ без разлика на уверливата победа на гласањето за претседател на ФИФА. Тој уште му предвиде на Блатер дека нема да остане на функцијата повеќе од две години.

Сугестијата на ФА за европски бојкот на СП во 2018 година, доаѓа пред најавениот состанок на раководството на УЕФА во Берлин, пред финалниот натпревар на Лигата на шампионите идниот викенд, на кој би требало да се расправа за натамошните чекори на европската конфедерација по откривањето на корупциска афера и посебно по повторниот избор на Сеп Блатер.

Неговата ќерка Корин Блатер за Би-Би-Си изјави дека нејзиниот татко е „жртва на заговор“. Таа не посочува прецизно дали зад заговорот стојат Британците или Американците, но јавно ја предизвика УЕФА прашувајќи зошто Европа не истакна свој кандидат за претседател, туку се затскри зад јорданскиот принц Али Бин ал Хусеин.