Англискиот репрезентативец Али под истрага на ФИФА

ФИФА покрена дисциплинска постапка против играчот од средниот ред на англиската фудбалска репрезентација Деле Али откако покажал непристоен гест на квалификацискиот натпревар против Словачка (2:1) во понеделникот.

Дисциплинската комисија на ФИФА ќе го испита целиот случај. „Можеме да потврдиме дека е отворена дисциплинска постапка“, изјавил за AFP портпаролот на светската фудбалска организација.

Играчот на Тотенхем е снимен како во 77 минута од мечот на „Вембли“ му го покажува средниот прст на францускиот судија Клемен Турпен откко овој не досудел прекршок кој врз Деле Али го направил словачкиот репрезентативец Мартин Шкртел.

Англискиот селектор Герет Саутгејт изјави дека 21-годишниот фудбалер му рекол дека гестот му го наменил на својот поранешен соиграч од Тотенхем, Кејл Вокер кој ова лето мина во Манчестер Сити.

„Кејл и Деле се шегувале и Деле му го покажал средниот прст, Не знам на кој дел од теренот тоа се случило. Тие двајца имаат чуден начин на комуникација, но тоа ми го кажаа“, изјави Саутгејт.

Али, чијашто игра против Словачка ја пофали селекторот, појасни на Twitter што направил.

„Само да разјаснам, гестот кој го покажав синоќа е шега меѓу мене и добриот пријател Вокер! Извинување доколку некого навредив“, напиша Али.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.