Анѓушев: Економската соработката меѓу Швајцарија и Македонија ќе продолжи да се развива

Рамномерниот регионален развој е од особена важност за Владата, и се надеваме дека со поддршката од страна на Швајцарија ќе се постигнат планираните резултат, изјави во петокот македонскиот вицепремиер Кочо Анѓушев на средбата со амбасадорката на Швајцарија, Сибилe Сутер Техада.

На средбата, како што информираат од кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, било разговарано за економската соработка меѓу Швајцарија и Македонија, а особен фокус бил ставен на процедурите за потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Владата, Министерството за локална самоуправа и амбасадата на Швајцарија, односно Швајцарската агенција за соработка и развој, за програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој 2017-2021“ за која се планирани 5,3 милиони швајцарски франци, при што Владата на Република Македонија ќе учествува со 1,7 милиони швајцарски франци.

Главна цел на оваа програма е да овозможи одговорните институции успешно да ја имплементираат политиката за рамномерен регионален развој, при што треба да се земе во предвид нивото на развој на секој од регионите поединечно. Целта ќе биде постигната со воспоставување на „Систем за подобрување на координацијата во планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политикатта за рамномерен регионален развој во Република Македонија“.

Вицепремиерот Анѓушев истакнал дека рамномерниот регионален развој е од особена важност за Владата, се заблагодари за поддршката од страна на Швајцарија и изрази надеж дека ќе се постигнат планираните резултати, со што ќе се достигнат целите на политиката за рамномерен регионален развој на земјата и ќе се допринесе за економско доближување на поединечните плански региони.

Вицепремиерот Анѓушев и амбасадорката Техада се согласиле дека економската соработка меѓу двете земји мора да продолжи да се развива и дека во наредниот период со реализација на заедничките проекти ќе се постигнат уште позначајни резултати, со што ќе се придонесе за поинтензивен економски развој, како на локално, така и на државно ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.