Анѓушев го промовираше јавниот повик за поддршка на проекти на мали и средни претпријатија

Од денеска започнува првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, на кој малите и средни претпријатија ќе може да аплицираат со предлог-проекти, а за кој од буџетот се издвоени 185 милиони денари или околу три милиона евра.

Вкупниот буџет за мерките од ткн трет столб изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра, а наредните два повика се планира да бидат објавени во јули и во последниот квартал од 2018 година.

На прес-конференција на која беше извршена промоцијата на јавниот повик, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека денес практично започнува реализацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, со кои се овозможува поддршка за малите и средните претпријатија.

„Со реализација на овој повик, преку директна финансиска поддршка од државата ќе се поттикне развојот на македонската економија и раст на бруто домашниот производ. За првпат се обезбедени средства, кои што ќе поддржат техничка помош и помош на развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи. Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30% на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, додека се овозможува до 70% поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи. Развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Македонија“, посочи вицепремиерот.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски, во детали ги презентираше информациите во врска со повикот. Притоа истакна дека во повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.

Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.