сабота, 22 јули 2017  |  Вести денес: 10

Анѓушев на бизнис форум во Трст: Ќе градиме добри односи со соседите

Реформите во енергетскиот сектор се исто така еден од приоритетите, но и предизвик на македонската Влада, според вицепремиерот Анѓушев

Biznis forum Summit WB6 Trieste 3

Поврзани вести

Ќе градиме добри односи со соседите, а со изградба на инфраструктурата ќе докажеме дека сме силно посветени на подобро поврзување на регионот, рече во средата заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој учествуваше на бизнис форумот, во рамките на четвртиот Самит за Западен Балкан во Трст.

На бизнис форумот се обратија и Анџелино Алфано, министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Јоханес Хан, комесар за европска добрососедска политика и преговори за проширување на Европската унија, како и министрите задолжени за економија, индустрија и енергетика од земјите на Западен Балкан.

Претставникот на земјата домаќин на самитот, министерот Алфано во своето обраќање на отворањето на бизнис форумот истакна дека протекционизмот не е вистински одговор за развој на економијата. Тој дополни дека отвореноста и транспарентноста на државните органи кон бизнис секторот се клучни за повисока динамика на економијата, а дека вистински предизвик е креирањето на нови работни места за младите луѓе, во кои е иднината на секоја земја.

Еврокомесарот Хан потенцираше дека овој Самит испраќа порака за поддршка и стимул за реформи во земјите од Западен Балкан. Преку овој Самит, се утврдува до каде се процесите и прогресот во земјите од Западен Балкан вклучени во „Берлинскиот проецес“, одблизу се следат процесите на меѓусебно поврзување, спроведување на реформи во енергетиката и во другите области.

„Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка. Европската Унија ќе ги поттикне реформите, за да регионот продолжи да се развива и земјите да го постигнат посакуваното ниво на економски развој. Економскиот развој е еден од клучните елементи за интегративниот процес на регионот на Западен Балкан во Европската унија“, изјави Хан пред присутните.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека Владата ќе работи на развивање на добра соработка со соседите, а паралално силно ќе се посвети на спроведување на потребните реформи што го трасираат патот на земјата кон членството во Европската унија.

„Не е возможно да зборуваме за економски раст на земјата, ако не работиме на поддршка и стимулирање на извозот на компаниите кои работат во Република Македонија. Пазарот од два милиони луѓе е мал и пред сè треба да ги поддржиме нашите компании да растат и да бидат конкурентни во регионот, а потоа и во ЕУ. Владата силно ќе ги поддржи извозно ориентираните компании, да растат, да се развиваат и да создаваат производи со повисока додадена вредност. Ќе работиме на создавање на бизнис амбиент за здрави и успешни компании, а не да се создават политички компании од страна на власта. Изградбата на инфраструктурата ќе ни биде приоритет, ќе работиме на изградба на патната инфраструктура и гасификација на земјата, а токму преку изградба на инфраструктура ќе докажеме дека сме силно посветени на регионално поврзување“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

 

Се осврна и на политиката за привлекување на странски инвестиции во земјата.

.
„Од Трст испраќам порака и покана до сите странски инвеститори дека се добродојдени во Република Македонија. Ние мора да направиме сè за да обезбедиме рамка за привлекување инвестиции. Инвеститорите ќе имаат потполна поддршка од институциите во административните процедури. Како Влада ќе го поддржиме секој инвеститор и гарантираме безбедност на нивниот капитал“, нагласи Анѓушев.

Реформите во енергетскиот сектор се исто така еден од приоритетите, но и предизвик на македонската Влада, според вицепремиерот Анѓушев.

„Ќе го донесеме и усвоиме новиот Закон за енергетика во кој ќе бидат инкорпорирани Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Владата ќе работи на поддршка за изградба на енергетски капацитети од обновливи извори на енергија, а поддршката ќе ја моделираме на комерцијална основа“, заврши вицепремиерот.

Самитот за Западен Балкан во Трст е четврти по ред, а е дел од активносите кои се одвиваат во рамките на „Берлинскиот процес“, иницијатива на ЕУ, со цел убрзување на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Најчитани вести