Анѓушев нема намера да се извини на Тасева

Вицепремиерот Кочо Анѓушев нема намера да им се извини на Слаѓана Тасева од организацијата „Транспаренси Интернешнел“ и на новинарите кои јавно се пожалија дека тој се мешал во начинот на кој тие известуваат. Тој рече дека ниту премиерот Зоран Заев немало потреба да се извинува во негово име, за нешто што Анѓушев не го сторил.

Јас единствено ја прашав госпоѓата Тасева, зошто пред да го спомене моето име не побара мислење од мене затоа што мислам дека тоа е професионално. И воедно само да кажам дека не е добро да се постапува по преставки на тие што го создадоа проблемот, туку треба да се види пошироката слика, и да се истражува подлабоко, порача Анѓушев.

Лавина од реакции следеа во јавноста откако Тасева објави на Фејсбук дека Анѓушев, придружуван од телохранител, и пришол на дипломатскиот прием и со висок тон почнал да и се заканува со зборовите, “ќе видиш кој сум, која си ти да ме испитуваш.”

Напнатоста меѓу Тасева и Анѓушев следеше по објавата од Транспаренси Интернешанал дека е покрената кривична пријава за стечајниот управник на металуршкиот комбинат ФЕНИ во Кавадарци, поради сомнеж околу исправноста на стечајната постапка, односно поради сугестиите за можно влијание на Анѓушев врз целокупната постапка во овој индустриски гигант.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.